Досега 6,4 милиони Грци над 12-годишна возраст одбраа да се вакцинираат и ова значи дека двајца од тројца Грци над 12 години се вакцинирани, а ако ги вклучиме и оние кои стекнале имунитет откако прележале, тогаш тројца од четворица наши сограѓани имаат антитела, изјави портпаролот на грчката Влада, Јанис Иконому на денешниот редовен брифинг со новинарите, јави дописничката на МИА од Атина.
Тој посочи дека, ако ситуацијата се погледне обратно, без малолетните лица,тогаш само 15 отсто од возрасната популација нема антитела.
Иконому додаде дека Владата ќе продолжи да вложува секаков можен напор, со сите средства што ги има на располагање, за да убедат да се вакцинираат колку е можно повеќе невакцинирани граѓани.
За епидемилошката состојба во Солун и евентуални рестрикции, Иконому рече дека „во агендата на Владата не постојат карантини како оние од минатото“, а повремено онаму каде што се забележува зголемувања на нови случаи се воведуваат мерки.
Во однос на училиштата, повтори дека нивната намера е да останат отворени и да продолжи наставата со физичко присуство на учениците, а за случаите на Ковид-19 кај децата нагласи дека тоа е нешто што започна уште од август и е очекувана разврска.