Институтот за јавно здравство на Косово (ИШПК) објави дека синоќа во земјата се потврдени нови 26 случаи на носители на коронавирусот, со што официјалната бројка на заразени се искачи на 61 лице, јави дописникот на МИА од Приштина.
Според соопштението што ИШПК го објави доцна синоќа, сите 26 нови случаи се „испитани контакти на позитивни случаи“, односно членови на семејствата и луѓе блиски на лица кај кои веќе е потврдена заразата.
– Вечерва, 23.03.2020, во Лабораторијата за мoлекуларна микробиологија на ИШПК со методата РТ-ПЦР беа тестирани 100 примероци земени при испитување на лица кои биле во близок контакт со потврдените случаи и кои биле во самоизолација, освен едно лице кое е хоспитализирано на Инфективната клиника. Испитувањето на толку голем број е извршено со цел да се откријат сите контакти на потврдените случаи кои се пронајдени на проактивен начин од екипите на ИШПК, се вели во соопштението.
Од синоќа откриените 26 заразени од смртоносниот вирус, 14 лица се од општина Малишево, 11 од Гњилане и едно од Ѓаковица.
Косовската влада синоќа донесе нови мерки за спречување на ширењето на заразата, меѓ другото ограничувајќи го движењето на граѓаните и приватните возила во периодот од 10 до 16 и од 20 до 6 часот.