Вршителот на должноста министер за финансии на Косово Бесник Бислими ѝ предложи на владата пакет итни фискални мерки, за поддршка на претпријатијата кои трпат штети од епидемијата на вирусот Ковид-19, јави дописникот на МИА од Приштина.
Бислими на денешната прес-конференција најави дека ќе се покријат трошоците на оштетените фирми за плати на вработените, во износ на минималната плата од 170 евра во наредните два месеци и за оваа намена Владата ќе издвои 41 милион евра.
Во истиот период, корисниците на пензии пониски од 100 евра, а кои немаат други приходи, ќе бидат помогнати со по дополнителни 30 евра, а на малите и средните претпријатија ќе им бидат покриени 50 отсто од надоместот за изнајмени деловни простории, информира министерот за финансии.
Тој изјави дека преземените мерки за заштита од коронавирусот предизвикале застој во производството и дека има пад на економската активност во три категории – кај граѓаните, бизнис-заедницата и буџетот на државата.
– Капацитетот е многу ограничен и задолженоста е многу висока поради исплатите. Мерките на Влдата и во економските активности се одразија по автоматизам и на царинските и даночните приходи во висина од 7,5 до 12,5 отсто. Можно е да имаме 200 милиони евра помалку доходи, изјави Бислими, порачувајќи дека целта на мерките не е целосна компензација на штетите, туку нивно минимизирање.