Црногорскиот премиер Здравко Кривокапиќ предложи реструктуираната влада да има тројца вицепремиери, 16 министерства и да се поделат четирите најголеми ресори, беше соопштено по состанокот на лидерите на парламентарното мнозинство со премиерот.
Лидерите на парламентарното мнозинство изјавија дека предлогот на Кривокапиќ е да се поделат обемните ресори – капитални инвестиции, јавна администрација, дигитално општество и медиуми, образование, наука, култура и спорт и екологија, просторно планирање и урбанизам.
Претседателот на Десницата на Црна Гора, Марко Милачиќ рече дека рокот е даден до 8 октомври за да дадат сугестии и дека ќе имаат заеднички став и одлуки на 10 октомври.
– Ако 38 пратеници и премиерот се согласат со реконструкцијата, оние што се против треба да се соочат со граѓаните и да кажат зошто се против, рече Милачиќ.
Потпретседателот на УРА, Милош Конатар рече дека договорот помеѓу Демократскиот фронт (ДФ) и Демократите не ги врзува УРА и нема поддршка од нив.
– Доколку не се постигне договор, Владата ќе продолжи да функционира додека не се изгласа недоверба, рече Конатар.
Тој додаде дека предлогот на Кривокапиќ не бил детален и дека тоа е нацрт на воопштени изјави за кои треба да продолжат натамошните преговори.
Лидерот на Социјалистичката народна партија, Владимир Јоковиќ рече дека атмосферата на состанокот била таква што „вратата била оставена за понатамошни договори“.
Лидерот на Новата српска демократија, Андрија Мандиќ рече дека 38 пратеници од владејачкото мнозинство имаат многу блиски ставови дека е потребна реконструкција на Владата и дека тројца пратеници на УРА имаат различен став.
– Кривокапиќ рече дека за што и да се согласи парламентарното мнозинство, за него е прифатливо, изјави Мандиќ.
Лидерот на Демократската народна партија, Милан Кнежевиќ, пак, рече дека факт е дека од едната страна има 38 пратеници, а од друга тројца пратеници на УРА.
– Ми се чини дека нема излез од оваа ситуација, рече Кнежевиќ. (МИА)