Црногорската полиција соопшти дека врз основа на добиени сознанија, постојат индиции потврдени со искази на лица, дека В.Б. кој уби 10 лица имал промени во однесувањето, но не и дека укажуваат на потенцијално извршување на кривично дело.
Во врска со неговото однесување тој имал закажано специјалистички преглед.
Полицијата вели дека не постојат сознанија, ниту пак имаат пријави за претходни конфликти или напад во врска со Вук Бориловиќ и неговите потстанари. Оттука, посочуваат, не треба убиството да се поврзува со претходен период.
Од она што е познато, Вук вчера околу 15:30 часот имал телефонски разговор со друго лице, чиј идентитет не се открива засега, а во кој соопштил дека во својата куќа го убил семејството кое живеело тука. На овој претходел друг разговор, за чија содржина како и идентитет на другото лице полицијата не сака да го открие поради безбедности причини.
Кога полицијата пристигнала, Вук (34) пукал кон нив, а тие возвратиле со околу 20 куршуми. При размената на оган еден полицаец бил погоден во глава, а во увидот е утврдено дека еден од куршумите кои биле испукани од полицијата тешко го ранил Бориловиќ.
Полицијата истакнува дека при престрелката, во еден момент Вук повеќе не употребувал оружје. Ова, покрај со изјавите и извештаите од полицајците, потврдено било и од сведокот кој разговарал на телефон со Вук, а на кого му кажал дека убил неколку лица, дека е тешко ранет и мисли дека нема да преживее.
Во соопштението се наведува дека и натаму се утврдуваат околностите дали смртта на Вук настапила како последица од тешката повреда нанесена од полицијата или од нов куршум, кој на засега непознат начин го испукал граѓанин.