Мониторинг на Европската Унија, како гаранција дека Македонија ќе го почитува договореното, побара привремениот министер за надворешни работи, Светлан Стоев.
Но, Стоев не прецизираше дали ваквиот мониторинг би бил во рамките на процесот на Стабилизација и асоцијација, како што неофицијално предлага португалското претседателство или во преговарачката рамка, на кое инсистираше Софија досега.
Стоев денеска порача дека дијалогот со Македонија е приоритет број 1 на бугарската надворешна политика, а го промовираше и тимот за преговори, предводен од неговиот заменик Румен Александров. Рече дека целта е постигнување одржливо и неповратно решение.
-Се обидуваме јасно да кажеме, не само на македонската страна, туку и на нашите партнери дека нашата политика е доследна. Би требало да се постават отворените прашања меѓу земјите на ЕУ и каде треба да и се дадат гаранции на Бугарија дека она што е договорено меѓусебно ќе биде исполнето во иднина. Овој мониторинг кој треба да биде од ЕУ е гаранција дека двостраните договори, кои се потпишани или ќе бидат потпишани, ќе бидат исполнувани, изјави Светлан Стоев, технички министер за надворешни работи на Бугарија
Бугарскиот претседател Радев и денеска е на Самитот на лидерите на ЕУ, каде Македонија барем официјално не е на дневен ред. Но, Радев и денеска не пропушти да ја спомене земјава, овој пат, како бугарски приоритет поврзан со Ковид кризата.
-Ќе разгледаме механизмот за споделување на вакцини од држави членки кон трети земји, за Бугарија приоритет е западниот Балкан со Македонија на врвот, изјави Румен Радев, претседател на Бугарија.
Радев од Брисел се враќа во Софија, па оттаму со државниот авион ќе слета во Скопје. На аеродромот по куса со средба со македонскиот колега Пендаровски и двајцата заедно ќе отпатуваат за Рим на чествување на Светите браќа Кирил и Методиј. Формални преговори за билетарелниот спор не се предвидени, иако е јасно дека прашањето ќе биде неизбежна тема на разговор.