Црна Гора денеска ќе го одбележи Денот на независноста и 17 годишнината откако на референдум ја обнови државната независност.
На референдумот на 21 мај 2006 година гласале 19.240 граѓани или 86,5 отсто од вкупниот број избирачи.
Независноста на државата ја поддржале 230.661, или 55,5 отсто од граѓаните на Црна Гора кои излегле на референдумот, додека 185.002 или 44,5 отсто гласале за останување во заедничка држава со Србија.
Парламентот на Црна Гора претходно го усвои Законот за референдум, кој беше договорен со препорака на Европската Унија. За референдумот да биде успешен, неопходно беше да го поддржат 55 отсто од гласачите.
Референдумското прашање гласеше – Дали сакате Република Црна Гора да биде независна држава со целосен меѓународно правен субјективитет.
На 2 март, на предлог на претседателот на Републиката, Филип Вујановиќ, Собранието на Црна Гора одлучи референдумот за правниот статус на државата да се одржи на 21 мај.
За претседател на Републичката комисија за референдум беше избран Словакот Франтишек Липка. Право на изјаснување на референдумот имаа граѓаните кои согласно прописите за избори имаа избирачко право. Според податоците на Комисијата, на референдумот право на глас имале 484,718 граѓани.
Премиерот на Црна Гора, Дритан Абазовиќ прексиноќа на прославата организирана по повод Денот на независноста истакна дека во Црна Гора повеќе нема недопирливи и дека не треба да ги има, и дека во борбата против корупцијата и криминалот е постигнат историски напредок.