Лидерите на партиите од новоформираното парламентарно мнозинство во Црна Гора утре ќе имаат состанок за продолжување на разговорите за формирање влада и ново парламентарно раководство.
Покана до партиите победници на изборите од август 2020 година, испрати еден од лидерите на Демократски фронт и претседател на Нова српска демократија, Андрија Мандиќ.
Порталот РТЦГ, повикувајќи се на извори од Нова српска демократија, пишува дека средбата треба да се одржи утре во 13 часот, најверојатно во Собранието.
Политички договор за новото парламентарно мнозинство потпишаа претставници на ДФ, СНП, Демократи, ГП УРА, ЦИВИС, Демос, Обединети и Вистинска Црна Гора.
Мандиќ синоќа истакна дека е многу задоволен од атмосферата што владеела на претходниот состанок, во петокот. Според него, очигледно е оти сите имаат една цел.
Тој нагласи дека владите не се бираат поради членови, туку на изборите граѓаните определуваат кој треба да ја сочинува владата. (МИА)