петок, 24. ноември 2023. Вести денес: 0
home Вести

BioNTech со три пати поголема заработувачка поради корона- вакцините

BioNTech со три пати поголема заработувачка поради корона- вакцините

Германската биотехнолошка компанија BioNTech соопшти дека повеќе од тројно го зголемила својот профит и приходите во првиот квартал благодарение на побарувачката за вакцината против Ковид-19.

Но, очекуваат послаба продажба во текот на годината. Приходите скокнале на 6,37 милијарди евра во првиот квартал, а нето добивката на 3,70 милијарди евра, според компанијата што ја разви вакцината против Ковид во соработка со американската компанија Pfizer.

„Благодарение на поголемиот обем на нарачки на крајот на 2021 година, по појавата на варијантата омикрон, ја започнавме 2022 година со силни приходи и профити, што нѐ позиционираше добро за да ги исполниме финансиските насоки за 2022 година“, рече финансискиот директор Јенс Холштајн. Компанијата потврдила дека очекува меѓу 13 и 17 милијарди евра приход од вакцините оваа година. Во 2021 година приходот изнесувал 19 милијарди евра.

Како и во претходните квартали, BioNTech ги базира упатствата само на конкретни нарачки за оваа година, за вкупно 2,4 милијарди дози, како во проценката објавена кон крајот на март. Минатата година испорачале нешто помалку од 2,6 милијарди дози.

И партнерот на BioNTech, Pfizer, биле внимателни во проценките објавени минатата недела, базирајќи ја овогодинешната прогноза за приходи од 32 милијарди долари само на испорачани нарачки. Во 2021 година, нејзиниот приход бил 36,8 милијарди долари.

Конкурентот Модерна објави пооптимистичка прогноза минатата недела, предвидувајќи поголема продажба на вакцините во втората половина од годината отколку во првите шест месеци, бидејќи очекува побарувачка за дополнителни вакцини наесен.

Побарувачката за воспоставени вакцини против Ковид-19 е ослабена во Северна Америка и Европа, бидејќи граѓаните кои ќе изберат да се вакцинираат веќе примиле три дози, а четвртата и следните дози се препорачуваат само за мала група најранливи катѕегории постари граѓани.

Главните двигатели на новите нарачки ќе бидат земјите со низок и среден приход и можното, но не и сигурно прилагодување на вакцината за варијантата омикрон пред почетокот на зимата на северната хемисфера. BioNTech соопшти дека очекува податоци за тестовите на приспособената вакцина во наредните недели.