вторник, 21. ноември 2023. Вести денес: 0
home Вести

Италија ги повика членките на ЕУ да ги тестираат патниците од Кина за Ковид

Италија ги повика членките на ЕУ да ги тестираат патниците од Кина за Ковид

Италија ги повика земјите од Европската унија да го следат нејзиниот пример и да ги тестираат патниците од Кина за Ковид, но некои сметаат дека засега не гледаат потреба за тоа или чекаат заеднички став на ЕУ.

Здравствените претставници на ЕУ не можеа да се договорат за ова во разговорите утринава и рекоа дека ќе ги продолжат разговорите подоцна.

„Италија очекува и се надева дека ЕУ ќе воведе задолжителни тестови за Ковид за сите патници кои летаат од Кина како што тоа го направи Рим, рече премиерката Џорџа Мелони на прес-конференција.

Германија и Португалија посочија дека не гледаат потреба од нови ограничувања за патување, додека Австрија ги нагласи економските придобивки од кинеските туристи кои се враќаат во Европа.

Норвешка, која не е членка на ЕУ, но е дел од договорот на ЕУ без граници, има сличен пристап.

Велика Британија, исто така, соопшти дека не планира да ги врати тестирањата за Ковид за оние што доаѓаат во земјата.

„Мораме да дејствуваме заедно и ќе ги продолжиме нашите разговори“, објави Европската комисија на Твитер, без да прецизира кога ќе продолжат разговорите.

Границите на Кина се практично затворени за странци од почетокот на 2020 година, набргу откако коронавирусот првпат се појави во градот Вухан, но таа најави дека ќе го укине карантинот за патниците кои ќе пристигнуваат од 8 јануари.