среда, 3. јануари 2024. Вести денес: 0
home Вести

Кипар го претстави планот за вакцинација на населението

Кипар го претстави планот за вакцинација на населението

Домовите за стари лица и институциите за возрасни лица со хронични заболувања, како и здравствените работници што работат во Ковид центрите, ќе бидат првите кои во текот на јануари ќе се вакцинираат за коронавирусот на Кипар, според планот што го соопштен од Министерството за здравство, јави дописничката на МИА од Атина.

Веднаш потоа ќе следат лицата над 80 години, во третата група се оние кои се на возраст од над 75 години, а потоа следат други граѓани со сериозни здравствени проблеми, останатиот медицински персонал и на крајот е останатото население.

Доколку се задржат предвидените временски рокови, целта е до крајот на првата половина од 2021 година, да бидат вакцинирани 40 отсто од населението, додека пак како што соопшти заменик-директорката за медицински услуги и услуги за јавно здравје Олга Калакута, вакцинацијата на општото население се очекува да започне на лето.

Планирано е формирање на 38 центри за вакцинација во болниците, но и да се искористат големи простори, како и мобилни единици, а вакцината граѓаните ќе ја примаат само по закажан термин.

Според претставениот план на Министерството за здравство на Кипар, по потпишаните договори и направените нарачки, земјата ќе обезбеди 1.192.043 вакцини од „Астра Зенека“, 391.637 од „Бионтек“/„Фајзер“, 250.000 од „Кјурвак“, 156.668 од „Модерна“ , 200.000 вакцини од „Новакс“ и 200.000 од „Џонсон и Џонсон“, количини што исклучок на последната се однесуваат на две дози по лице.


Вакцината на Кипар ќе биде бесплатна, а намерата е да се вакцинира што поголем број од населението.

Од почетокот на епидемијата, на Кипар се регистрирани 84 смртни случаи од Ковид-19, а заразени се 15.789 лица.