Жителите на Германија кои стекнале имунитет на коронавирусот од ноќеска на полноќ повеќе нема да мора да се придржуваат кон мерките за полициски час и одредени забрани за контакт, јавува германската новинска агенција ДПА.
Оние кои ги примиле двете дози на вакцина или се опоравиле од ковид 19, ќе можат приватно да се состануваат со други од истата категорија без никакви ограничувања.
Исто така, при средба со невакцинирани лица, лицата со целосен имунитет нема да имаат ограничувања.
Целосно имуните луѓе нема да мора да одат во карантин по патувањето, освен во одредени случаи, на пример, ако доаѓаат од област каде што голем број луѓе се заразени со нов вид на вирус, се наведува.
Тие нема да мора да носат негативни резултати од тестот кога влегуваат во продавницата или кога добиваат одредени услуги.
Според податоците на Институтот за инфективни болести Роберт Кох, повеќе од 31 процент од Германците ја примиле првата доза на вакцината, а 8,8 проценти биле целосно вакцинирани.