вторник, 7. ноември 2023. Вести денес: 0
home Вести

ТРЕТАТА ДОЗА ЌЕ БИДЕ НОВИОТ УСЛОВ ЗА ПАТУВАЊЕ Какви мерки спремаат европските земји наесен?

ТРЕТАТА ДОЗА ЌЕ БИДЕ НОВИОТ УСЛОВ ЗА ПАТУВАЊЕ Какви мерки спремаат европските земји наесен?

Примена трета доза веројатно ќе биде новата „пропусница“ за патување во повеќето земји во Европа зимава, додека со примена втора доза ќе можете безгрижно да го минувате границите најмногу до 9 месеци од „боцкањето“, истражува Блиц. Откако некои од земјите веќе почнаа со имунизирање со третата доза, овој тренд е растечки во ЕУ и во светот.

Сертификатите ќе траат само 9 месеци

За почеток, веќе ни сертификатите за вакцинација (со две дози) не важат бесконечно. Повеќе земји го ограничија нивниот рок. На пример, во Австрија и Хрватска тој рок сега е девет месеци. По деветтиот месец од втората доза ќе мора да ја примите третата доза или да бидете изложени на ПЦР-тестирање на границата.

Тоа значи дека дури и да сте биле вакцинирани напролет, кога почнаа вакцинирањата во Македонија, да речеме во мај месец, веќе во јануари идната година ќе мора да примите трета доза ако сакате да влезете во Австрија или во Хрватска. Но, сè ќе зависи од земјата. Во Катар, на пример, во моментот овој рок е една година, односно можете да влезете доколку сте биле вакцинирани со втора доза во последните 365 дена.

– Сè оди во таа насока – вели Александар Сеничиќ, директор на Националната асоцијација на туристички агенции во Србија, мислејќи на овој тренд со роковите.

Кои земји почнаа да ја даваат третата доза?

Обединетите Арапски Емирати, Бахреин, Израел, Унгарија, Литванија, Словенија, Србија и Канада веќе почнаа да ја даваат третата или „засилувачка“ доза, а многу скоро со тоа ќе започнат и САД, Велика Британија, Германија, Франција …

Но, тоа што би можело да биде проблем е дека некои земји не признаваат одредени производители на вакцини. Франција, на пример, не ги признава „Синофарм“, „Синовак“ и „Спутник“, односно признава само вакцини регистрирани од ЕМА.

Ова важи за сите три дози. Имајќи на ум, дека голем дел од македонските граѓани се вакцинираат со „Синофарм“ или „Синовак“, ова би можело да биде проблем.

Србија ги тестираше и „возачите кои возат во странство“ со трета доза

Сеничиќ признава дека во моментот не се знае многу за условите, но дека е повеќе од веројатно дека луѓето со трета доза ќе имаат „бенефиции“ на границите. Во Велика Британија се размислува третата доза да биде и услов за воопшто да се напушти земјата. Тоа би значело дека доколку ја напуштите Велика Британија, а немате трета доза, кога ќе се вратите ви следува 14-дневен карантин.

Кога во Македонија ќе имаме можност да се вакцинираме со трета доза? Од земјите во региониот таа за нас е достапна само во Србија. Таму со трета доза неодамна беа вакцинирани приоритетните групи, како што се постарите луѓе, а власта одлучи да ги вакцинира и „патниците во меѓународниот сообраќај“, како одговор на она што се спрема во Европа.

Кога е организмот спремен да ја прими третата доза?

Барем шест поминати месеци се доволни за едно лице да ја прими третата доза на вакцината, објаснува д-р Небојша Бохуцки, епидемиолог на Институтот за јавно здравје во Суботица.

– Многу е битно да се примат две дози од вакцината, а што се однесува до третата доза, таа сè уште можат да ја примат малкумина. Тоа се оние кои биле вакцинирани во јануари и февруари, а засега има многу малку од нив. Во тоа време, главно (во Србија) се вакцинираат само стари луѓе и немаше можности за другите, особено не за помладиот свет кој патува најмногу. Оние кои ја примиле втората доза во март, ќе биде во ред да ја примат третата во септември. Таа секако е добредојдена затоа што лицето ќе биде позаштитено – вели д-р Бохуцки.

Дупло тестирање на граница со Грција за Македонците и Бугарите

Граѓаните на Македонија, но и на Бугарија, кои не се вакцинирани во моментов не можат да влезат во Грција, само со негативен ПЦР-тест од последните 72 часа, туку и ќе мораат да се тестираат со брз тест на грчката границата. Овие мерки неодамна ги воведе грчката влада заради зголемени бројки во соседството. Сепак, мерките уште не важат за Србија иако и таму растат случаите со новозаразени.

Што треба за да бидеме на зелената листа на ЕУ?

Македонија, заедно со Косово, Црна Гора, Израел и САД во моментов се на листата на непожелни земји за влез во ЕУ. За да се вратиме на зелената листа, Унијата моментално има седум услови. Првиот услов е во последните 14 дена да имаме 75 или помалку заразени на 100.000 жители. Вториот услов е земјата да има „стабилен или опаѓачки тренд на нови случаи во последните 14 дена“. Конечно, еден од условите е процентот на позитивни тестови да не биде над четири проценти од тестираните, а Македонија во случајов е над оваа бројка.

Да не заборавиме дека одлуката на Европската комисија сепак не е обврзувачка за нејзините земји-членки, туку е само препорака, што значи дека самите држави ќе одлучуваат за мерките и условите кои ќе ги постават во иднина.