вторник, 21. ноември 2023. Вести денес: 0
home Вести

Во повеќе сојузни држави на САД во април почнува вакцинацијата за сите категории граѓани

Во повеќе сојузни држави на САД во април почнува вакцинацијата за сите категории граѓани

Властите во САД го забрзуваат снабдувањето со вакцини против Ковид-19, и ги испорачуваат неопходните количества дози до сојузните држави, за привршување на вакцинацијата на ранливите групи, и во април се започнува со вакцинација за сите над 16-годишна возраст.

Најзголемени испораки има од компанијата „Џонсон и Џонсон“, чија вакцина што се дава во една доза беше одобрена во февруари. Компанијата „Фајзер“ исто така ги зголеми количините на производство на својата вакцина, со двоен обем на испораки и скратено време за правење на вакцината.

Компанијата „Модерна“ денеска изјави дека во САД испорачала речиси 100 милиони дози од кои 88 милиони во првото тримесечје годинава.

Како што известуваат некои медиуми, властите во повеќе од десет држави како Вермонт, Ајдахо и Њу Џерси, велат дека зголемените испораки ќе овозможат забрзана вакцинација на постарите лица и здравствените работници, а во некои држави може да започнe и вакцинација за сите.

Така, во Вермонт предвидуваат дека од 16 април ќе можат да се вакцинираат сите кои тоа го сакаат, или половина месец порано од планираното. Околу половина од државите во САД планираат вакцинацијата за сите да започне во април.

Според тракерот за вакцинација на Центрите за контрола на заболувања и профилактика (ЦДЦ), во САД досега целосно се вакцинирани речиси 53 милиони луѓе или околу 16 отсто од населението во земјата. Најмалку една доза добиле над 95 милиони луѓе, а досега се дадени речиси 146 милиони дози вакцини против Ковид-19.