понеделник, 6. ноември 2023. Вести денес: 0
home Колумни

НЕМА СМРТ ДОДЕКА ЅВОНИ

НЕМА СМРТ ДОДЕКА ЅВОНИ

„Ако признаеме дека работите се такви како што се од неопходност, односно дека не се произволни ниту резултат на некоја случајност, воедно согледуваме дека тие треба да бидат такви какви што се“, пишува Хегел во својата студија за германското уредување. Концептот за историската неопходност, еден век подоцна, ќе ужива уште поголем триумф во секојдневието: навистина, сите суровости, заблуди, скршнувања и трагедии на Историјата, биле и се уште се оправдани од потребите на „историскиот момент“. Најверојатно, Хегел бил решен да се помири со сопствениот историски момент, едноставно бил натеран во секој настан да ја согледа волјата на Универзалниот дух. Токму поради тоа „читањето на утринските весници го сметал како реален благослов на утрото“. Многу е логично, само со секојдневниот брифинг да се обиде да го ориентира однесувањето на човекот во неговиот однос со светот и со Бога.

А, што ни се случува нам? Што ни покажува секојдневниот брифинг, дневен печат веќе и како да не постои, ама тука се порталите, на кои се лиферуваат вести, кои секого од нас, секој човек во Македонијава, го шокираат одново и одново, така што просто, немајќи време да се одболува едниот, веќе те заплиснал нов шок. Иако, тоа може да важи слободно и за светот – глобалното село, зашто и таму горе – долу, ситуацијата е идентична.

Од сите страни добиваме небулозни вести и информации, а се повеќе почнувам да верувам дека нивната стравотија, веќе ги прави дури и нереални. До таму се менаџира колективната безнадежност и безсперспективност, што повеќе  никого и ништо не го изненадува. Тоа што политиката користи грешни терминолошки изјави, тоа што политичарите зборуваат невистини, изговараат евфтини дневно – политички пароли, тоа што еден самонаречен избраник од Муртино нема никаква претстава што значи јазикот за еден народ и Македонија, на крајот и не е најголемата трагедија. Не е и најстрашно, тоа што Тричко, Геро и уште некој од тој таканаречен новинарски маштаб со децении го тероризираат македонскиот јавен простор, апологетски настроени кон нешто што е неодбранливо и што предизвикува само мачнини во желудникот и дијареа, во зависност од тоа кој колку индивидуално е отпорен. Нивната појава и делување се валоризирани, точно и прецизно. Во овој дел, сепак, не може да биде одминат фактот, на кој што никој не смее и не треба да биде рамнодушен, безочно и без тронка достоинство, со огромен недостаток на основно воспитание и добро однесување, се распнуваат и така малкуте, главно жени, на мое огромно задоволство, кои аргументирано, одважно, објективно и со факти, зборуваат вистина за законот за јазиците. Една работа треба да биде запомнета, а тоа е дека со никакви декрети, агитпроп методи, со никакви договори и пазарења не може да биде уништен еден јазик, кој што е мајка и е во основата на писменоста на еден простор од Северниот леден Океан до Атон и Синајскиот Полуостров на југ и од Уралските планини до Јадранското Море на запад.

Јазикот е еден од најсилните симболи на постоењето, најсилната меморија на човекот, а оттаму и длабински механизам на кодирање, своевиден ген. Ако тргнеме од логиката на Сосир, кој им ги спротивставува симболите на конвенционалните знаци, истакнувајќи ги во прв ред нивниот иконички елемент, не може да се очекува дека натуреното решение, стигматизацијата на македонскиот јазик, со новиот закон за уназадување (унапредување не е никако!!!) на јазиците, не може да резултира со природна состојба, не може еден договор да ги изместува природните закономерности, а најмалку може да им помогне на почитуваните Албанци – жители на Република Македонија, во унапредувањето на вистинските нивни реални права, во подобрувањето на квалитетот на нивниот живот, во решавањето на нивните непосредни животни потреби.

Јазикот како важен елмент на културната меморија ги пренесува информациите, текстовите, шемите на сижеата, кои го овозможуваат траењето и постоењето. Јазикот како симбол, постои пред дадениот текст и независно од него. Тој е во длабочината на културното паметење и секогаш одново оживува како семе кое паѓа во нова почва. Оттаму никакви закони, никакви декрети, никакви договори, бидете спокојни, ништо не му можат. Но, тоа не ја исклучува потребата од постојаното потсетување, од именувањето на работите со вистинските зборови, од држењето исклучиво до аргументите и вистината. А, тие, мои Македонци, се на наша страна, од памтивек!!! Борбата траела со векови, продолжува и СЕГА!

д-р Анита Ангелевска