Според информациите на Градскиот одбор на Синдикатот за образование во Подгорица, во училиштата во главниот град на Црна Гора повеќе од 100 наставници и професори се заразени со Ковид-19 и се во самоизолација, пишува подгорички „Дан“.
Претседателот на тој синдикат, Слободан Савовиќ, го повика Министерството за образование да одговори какви мерки се преземаат во врска со проблемите со кои се соочуваат директорите на училиштата во обид да најдат замени за заразените колеги, кои се сè повеќе.
Според „Дан“, од Министерството за образование не добиле одговор на прашањето колку наставници се заразени и што прават во врска со зголемувањето на бројот на заразени.
Савовиќ вели дека пред два дена, тие официјално поднеле петиција со потписи на голем број колеги до ресорното Министерство и Институтот за образование, во која бараат укинување на административните оценки во овој период до крајот на ноември, бидејќи сметаат дека од нив се бараат невозможни работи.
Тој пред два дена ги повика колегите да го тужат Министерството за образование доколку не им се надоместат прекувремените часови.