Италијанскиот фудбалски шампион Јувентус е многу блиску до уште едно финале од Копа Италија откако вечерва во Милано го совлада Интер со 2-1.
Сите три гола беа постигнати во првото полувреме. Домаќинот поведе но не успеа долго да го задржи водството.
Виновник за првиот погодок на Интер беше Буфон кој несмасно реагираше и му овозможи на Лаутаро Мартинес да го отвори резултатот.
Клучниот момент се случи во 25. минута. По акцијата на Јувентус од левата страна, имаше центаршут кој заврши далеку и од голот и од шеснаесетникот на Интер, но главниот судија Калварезе доби сигнализација од ВАР собата дека Ешли Јанг можеби го фаулирал Квадрадо. Влечење несомнено постоеше, но и во Италија веднаш се појавија критики за досудениот пенал бидејќи Квадрадо немаше апсолутно никакви шанси да дојде до топката.
Роналдо од пенал беше прецизен, исто како и десетина минути подоцна кога доби уште еден подарок, но сега од одбраната на Интер која очајно реагираше и му овозможи да дојде до вториот гол на мечот
Реваншот во Торино се игра на 9 февруари.