сабота, 11. ноември 2023. Вести денес: 0
home Колумни

И по Црпко, Таче…

И по Црпко, Таче…

 

И по Тито, Тито, а „и по Црпко, Таче“. Се сомневавте? Не, знаеме дека ни на крај ум не се сомневавте во квалитетите на Заевиот престолонаследник, тоа се подразбираше. Во светот, круша под круша паѓа. Во СДССС, пак, лидер над лидер се дига. Во антинационалните дејанија и криминалот. Така би и со Ќуран, кој експресно на сто полиња го засени менторот. Си го бивало човечето. И точка. Или БРОИЛО беше?

Таче и од претходно е шампион во антинационални дејанија, премиер кому вода можат да му носат и Заев и Бранко и Љубчо. Талент кој за само 6 месеци владеење со инстант-прифаќањето на „Францускиот предлог“, успеја да не’ продаде гратис на Бугарите и да направи да преговараме за ЕУ со Софија, не со Брисел.

Симптоматично е и тоа што според анкетите – над 60 насто од македонските граѓани се против овој забеган пробугарски предлог, а бројката на противење се поклопува со онаа контра Заевата промена на името на Референдумот во 2018-та. Со таа разлика што сегашното изјаснување го спречи Таљо Дезертерот, изведувачот на собраниски диверзии.

А што да прави лик возљубен во ликот и неделото на Црпко? На страна, и тој дезертер ко него и Форина. Па, го продолжува неговото недело, разбира се.

А во контекст на континуитетот, тука е и криминалот. Имавме „чест“ да не води црпнат муртинец со дузина кривични пријави, човече чиј зачеток беше „Глобал“, а следеа „Поткуп“, „Пуч“, те Цареви села, марихуана семеен бизнис и што ли не, па чуму неговиот црпнат престолонаследник да биде поинаков? Кој нормален, воопшто и би помислил дека Зоче би избрал некој кој е поинаков од него? Не дај Боже некој чесен, доблесен и со вистински вредности…

Проблемот е што чесните луѓе не можете да ги држите на синџирче чии алки се составени од различен тип криминал, тендери, рушвет, корони, поткуп, малверзации, кризни состојби, вакцини, учебници, деривати, фотоволтаици и ред други црни бизниси.

И таман помисливте дека трајно неспособниот премиер заврши со „Францускиот“, оп дојде дезертерството. Замина и тоа, дојдоа и 26-те милиони со кумот за фотоволтаици. И буквално и фигуративно, „струја е“ Таче, ама за афери и скандали. Вистински „премиер“ и топ есдеесовски пример за алаш-вериш, само што овој не продава пиперки, туку електрична енергија. По ново и историја. А, што знае престолонаследник што се 26 милиони евра?

Гарант, кога ќе заврши со продавањето на историјата на Бугарија, и тој планира да одмара на плажа во Грција. Викендицата ќе му биде знаете каде и знаете со кого ќе биде комшија. Оти, Таче под Заев паѓа. Велат, и Стево ПреЦедник бил во позиција на низок старт во Вила Водно, спремен да го аболира Ковачевски. Три пати ако треба. Традиција…

Ме мачи само, којзнае колку први девојки имал Ќуран…