После напорниот тренинг, нашето тело испраќа сигнал до мозокот кој му кажува дека сме гладни.
Во обид да ја задоволиме таа желба, често се свртуваме кон погрешна храна која е полна со лоши состојки кои не само што нема да ни помогнат да ги добиеме најдобрите можни резултати од последниот тренинг, туку всушност ќе ни направат повеќе штета отколку корист. Некои намирници се особено штетни бидејќи ги поништуваат учинокот од напорните тренинзи и можните резултати.
Како што пренесува Cosmopolitan, одредени намирници најдобро би било да се избегнуваат после тренинг.
„Храната што ја јадете после тренинг може да има значително влијание врз вашето закрепнување и приспособување на тренингот. Кога вежбаме, телото троши дел од своите резерви на енергија и почнува да ги разградува мускулните протеини, така што обезбедувањето правилна исхрана после вежбање може да помогне да се сменат некои од овие ефекти, да се подобри закрепнувањето и вашите резултати“, објаснува нутриционистката Фло Сибрајт.
Која храна да се избегнува?
За да го извлечете максимумот од вежбањето, важно е да ги надополнувате вашите калории и хранливи материи со вистинска комбинација на протеини и јаглени хидрати. Од друга страна, нутриционистката вели дека е важно да се ограничат калориите кои доаѓаат од таканаречената нездрава храна полна со лоши масти и преработен шеќер.
„Иако некои енергетски барови може да бидат погодна опција кога немате време за целосен оброк после вежбање, сепак треба да избегнувате ултра-обработени енергетски барови со долга листа на штетни состојки“, советува нутриционистката Ејми Рајт.
Покрај енергетските барови, таа додава дека најдобро е да се држите подалеку од производите како бел леб, тестенини, брза храна, пржени компири, засладени сокови, нискокалорична храна и солени грицки.
„Желбата за солена храна после вежбање е доста честа појава, бидејќи често губиме вода и калиум преку потење. Меѓутоа, наместо да посегнувате по чипс или некое пециво од пекара, изберете храна богата со хранливи материи во вашиот оброк“, додава Рајт.