петок, 19. јануари 2024. Вести денес: 0
home Колумни

Ако никогаш не си СТАНАЛ, не можеш ни да ПАДНЕШ

Ако никогаш не си СТАНАЛ, не можеш ни да ПАДНЕШ

Ете, и тоа дочекавме. Заев падна. Ама нешто како да не е како што треба, се’ е без ќеф. Да, свесна дека и’ доаѓа иста таква суртучка направија, Македонија безволно и со апатија ја прими веста за падот на најнеспособната и најантимакедонска влада во историјата. Оти, по Мурто (Заев), доаѓа Курто (Ковачевски), така што, место за некаква радост или барем троа оддишка нема. Имат снемано, што велат охриѓани. Самиот факт што вториот е клон, избраник и марионета на првиот, не остава никаков простор за очекување дека нешто ќе се смени или оправи. Круша под круша паѓа, под Заев пак Ковачевски…

Ајде, да се потсетиме кој се’ си оди и чуму е ова најнеспособната влада. Зоки ќе го оставиме за крајот, оти токму крајот неделото го краси, нели…

Си заминува Спасовски, апсолутно најнеспособниот министер за внатрешни, човече кому му се случи „Рекет“, кој испозатвори еден куп патриоти со филмски акции, министерче поради кое американска ДЕА прави акции без да го извести МВР, „Планина“ во која криминалната врхушка избега, време кога негови началници беа фатени со марихуана, други на црногорска граница со канабис во гепек, му кидна и Грујо, се прошета де. Дозна ли барем дека Св. Сава е машко?

Министерот за правда ќе биде запаметен само по две работи. По неуспешниот обид за амнестија на Нинџа. И што накачи 40-на кила на функција. И толку…

Имавме и министер за борба со корупција. Она клонот на Заев, кој во својот мандат успеја само да фати корона и неколку тони корумпиран путер со поминат рок. А, да, и рекордна 111-та позиција на листата за корупција. Затоа сега ќе ја „средел“ и правда…

Најлоша, сепак, беше Царовска, владино човече од невладина, мало жениче со голема злоба во себе кое направи толку многу глупости во образованието што ќе ни треба барем една деценија да го оправиме. Таму дефинитивно има потреба од егзорцист, за да го истера „ѓаволот“ пред да дојде новиот шутрак, кој и да биде…

Имавме и министерка за одбрана во чие време армијата го смени името и падна на 133-то од 139 армии според борбената готовност. Ќе се памети само по знамето кое Рада во Прада го „позна“ на американскиот носач…

Министер за економија ко да немавме, исто ко што немавме ни економија, а оној за финансии никој не го ни познава, исто ко и неговиот заменик кој го замени Заев. Слично беше и во културата и во ресорот животна средина, нема да ги запамети никој затоа што и ништо не направија. Ќе се паметат само ќесињата од 15 денари среде економска криза. И толку. Наспроти овие анонимци, пак, сите ќе го паметат генералниот секретар со најлепливи рачиња во светот, Рашко, кој Зоче го замени со своето кумашинче, Мухи, дете машко…

Знаевте дека имавме и министерка за труд и социјала? Јок. Нормално. Ја знаат само оние 5.500 семејства за кои се поТРУДи да ги смести во СОЦИЈАЛА…

Ќе се памети и измисленото министерство на Артан Нежни, кое со полна пареа ќе продолжи да не работи ништо и во владата на Димитар со кумановски прекар Ќуран. Ќе се памети и Дончев, за кого беше јасно како Ден дека броеше пари од мито пред камера, а во незаборав останува и Лидија качи се на магаре па види ја, која европските пари ги поарчи и по фризерници. Го имаа и најинвентивниот директор на фонд за иновации, кој служеше за да наградува заслужни сдсмовци кои измислиле топла вода или ја откриле Америка, а на крај ги награди и со свое присуство и кандидатура на шарадата од избор на Ковачевски за „нов“ преЦедник.

И Бочварски дал БЕСА дека заминува. Требаше да го стори тоа кога 45 луѓе изгореа во автобусот кој не ни требаше да вози. Ама така ќе покажеше доблест, а тоа е најстрого забрането во СДСССССС…

Заминува и лекарчето кое милуваше да се возика со другарчето Заев кога умираа по 50-на луѓе дневно, човече кое си оди со црни европски рекорди во корона смртност и тотално руинирано здравство. Велат, од кабинетот ќе си заминел со продолжен кабел под мишка и ќе го чувал како очите, во најубави услови за еден кабел. За да му врати што го наместија кутриот за пожарот во кој 14 луѓе живи изгореа во тетовската пеколна стапица наречена болница. Велат и дека Анѓушев ќе му плаќал за смештај…

Заминува и „премиерот“ кој никогаш и не победи на избори за да биде тоа, но поради безрбетноста, фабричката антимакедонска грешка и недостиг на поимите гордост, чест и достоинство имаше „среќа“ да го црпнат од нивата. Тој имаше, но не и Македонија. Нема потреба да кажеме ни збор за неговиот животопис, знаеме се’, ќе оставиме тоа да го сторат историчарите, кои веројатно ќе го сместат на најтемните страници. Ќе им требаат повеќе томови за истото. Веројатно, за неговиот лик и недело ќе има и посебен испит во рамки на катедрата за психијатрија. Да, дојде гласно (со „бомби“) и одјава кон полињата со марихуана…

Знаете што е најголемиот проблем со оваа заевистичка влада? Оваа шутрачка, неспособна направија не може ни да ПАДНЕ. За такво нешто треба да си СТАНАТ, а безрбетните сервилни неработници тоа во сиот свој мандат никогаш не го сторија…