четврток, 16. ноември 2023. Вести денес: 0
home Колумни

Цепките на Таче Ќуран викан Неизвесност

Цепките на Таче Ќуран викан Неизвесност

Си седиш така по дома, се здосадуваш и ти врие умот од катадневната северна канонада антимакедонски глупоштии и скандали, цупкаш во место и си чадиш во главата, ама место не те фаќа. Ти фали акција, да. Ти доаѓа да пукнеш или некому да му ја „пукнеш“ в лице. Не, не со тупаница, имаш наплив на бес и срџба збрана која бара вентил и да му се изнавикаш на некој владин северџганистанец, на некое функционерче да му се издереш за сите понижувања, срам и гнев навлечен и набиен минативе 5 години. За се’ што ти се збрало и збира, да му кажеш убаво, јасно и гласно во „фаца“, урлајќи од маката национална и човечка натопорена до ниво на експлозија. Или поверојатно, имплозија, обратен чин во кој предметите си се уриват самите себеси…

И таман да си пукнеш, се мислиш дали, сепак, да одиш во кооперација и да си олесниш на душичката со некоја домашна ж’та или, пак, да излезеш на верандата и да заурлаш на цел глас со сиот збран таксират во себе. Кубурот, никако, тој е само за црни денови, нели? И тамам да решиш – еве го Таче. „Струја е“, и буквално и фигуративно, а фотоволтаична, дефинитивно. Ете, пак тој, дворскиот кловн кој оди неуморно по стапките на својот ментор и гуру Зоче.

Оти, и Ќуран ја користи истата финта. Кога балонот македонски ќе дојде до сериозно ниво на детонација, Таче Црпков излегува и лупа зелена. И сите се „газиме“ од смеење. Исто ко и со неговиот претходник Зоче. А му згуснеше и направеше или требаше да направи голема беља – излегуваше и тресеше зелен/црн бисер. И нам веднаш ни олеснуваше, си се кикотевме, та коментиравме колку бил глуп, та IQ-то му било ко иницијалите, 33, та кој суртук го ставил, та покорисен идиот не сте виделе, хи-хи-ха-хиња до подмочување, нели?

И сега, посреќни сме што Црпко Први „одјава кон зајдисонцето“ на Халкидики? Срцето ни се смее и душата ни грее што дели правда по форуми, формира ступидни фондации, носи помош во Украина, изигрува филантроп, ѓоамити Сорос Муртински? Јок, не сме. Не утепа, не сроза, а ние „смејачите“,  си теравме „цепки“ и сеир со него.

А Ковачевски, е тој саде копира успешен, црпнат рецепт. „Проверено“, што велеше суртукот нов министер за локална…

Да, нема, нема, па Таче ќе се разоткрие. Ама „скроз“… Не, не не’ изненадува, оти добро знаеме дека круша под круша паѓа, а Црпко Втори под Црпко Први. И би. По Муртинхаузен, Тачехаузен ли, ама дека е дилајла која се шлепа на сопствена инфантилност, нема збор…

Ок, секој нов ден се’ повеќе сме убедени дека Таче е најприродниот можен избор за престолонаследник на Црпко, најпогоден во вселената, поподобен здравје? А кој го овозможува ова црпкофилско задоволство? Па, кој друг ако не самиот Таче звани Ќуран, кој сега доби и нов прекар – Неизвесност. Тотално во контекст на детските американски серии, каде суперхероите имаат прекари како Опасност, Напаст или Мрзеливост. И така, и Ќуран стана Неизвесност…

Секогаш кога ќе касне банана, Кире станува Бананамен, а секогаш кога ќе фати микрофон, Таче станува Неизвесност. Факт. Случајност, јок. Во тој фатален момент, владее огромна неизвесност кај сите, невидена недумица и трпнеж, целиот аудиториум е максимално потресен и во прашалници за Ќуран со микрофонот. Сите се прашуваат: ШТО СЕГА ЌЕ ТРЕСНЕ ТАЧЕ????

И да, Фројд работи кај Таче Ќуран викан Неизвесност, па така тој поттиснат од Фројдовиот комплекс, потиснувајќи ја дарбата за мега-неизвесност во себе, многу остроумно ќе срочи: „ДОЈДОВМЕ ДО ЦЕЛОСНА ПОЛИТИЧКА СТАБИЛНОСТ И НЕИЗВЕСНОСТ!“ Упс, статива. Башка глупост…

Ок, нема логика и тресење зелени е работава мисирска, но наследникот на суртукот кој тврдеше самоуверено дека рибата смрди од опашката, човечето кое имаше три први љубови, зборуваше за првиот македонски роман „Село ПОД седумтте јасени“, мешаше баби и жаби и изигруваше полиглот говорејќи и мандарински и абориџински, не „вози“ на истата финта.

Мора да сфатиме, еднаш за секогаш, дека тоа што Таче ПЛАТИ КРАТИ, го слуша суфлерот Алија, се „гази“ со гровтање од смеење кога ќе го наречат западнобугарски премиер и не може никогаш да го прочита она што суртукот Забрчанец му го напишал, и не е баш за смеење.

Не за смеење, за плачење сме луѓе. Ова веќе е серија, не епизода. Ридска, турска, шпанска ли. Катастрофално режирана од самиот почеток, со сценарио кое веднаш конкурира за Златна малинка, со наместени цепки и црни бисери на Тачевци и Заевци.

Ајде, да најдеме друг начин за празнење на насобраното понижување, бес, гнев и срам. Оти, тоа и им е целта на јаваните, да се смееме и сеир да фаќаме, а македонската имплозија е веќе на повидок. Колку ние повеќе се церекаме, толку нивните мешиња и џебови се пополни…

Една стара шега за крај, иако ѓаволот одамна ја однесе од Македонија. Она кога Словенецот ја прашува бомбата (Македонија): -Бомбо, бомбо, буш пукла? -БУУУУУУМ!!!