понеделник, 25. декември 2023. Вести денес: 0
home Колумни

Есцајгот на Таче Антоанета

Есцајгот на Таче Антоанета

Велат дека по утрото денот се познавал. Докажана, стара вистина. Премиерот СДССССовски, пак, да ти се познавал по есцајгот. Што поскап, тоа повеќе ќе ја чинел Македонија. Не есцајгот, премиерот…

Утрото, пак, на Таче Ковачевски, звани Ќуран во Куманово, да ти започнало со есцајг од саде 37.000 евра. „Сиќа“ во услови на 10-на илјади останати без работа, енергетска, корона криза и мега економска на повидок. Па, ако е бал, нека биде маскенбал, нели, а шефот му Зоче обожава да се маскира. Подобар старт, здравје.

Фер, зарем би било океј Таче да руча во чинија поевтина од 88 евра? Зар може пустиот да јаде од нешто вредно помалку од 5.500 денари? Не, разбира се. Човечето го послуша Заев, не ни бекна кога тој го стокми за замена, се шеташе со него по домашни и меѓународни средби ко Мис Муртино, абе збор не кажа. Го наместија и преЦедник на СДСССС да биде, не зуцна пустиот. Па сега и мандат му дадоа, премиер го стокмија, а тој не гукна ништо против. Се’ што му рекоа се’ направи, се’ што му дадоа зема, се’ што треба и во иднина ќе прави, без збор, оком-скоком. И, зарем, по сето тоа не треба да се награди? Не треба ли „Таче звани Ќуран да ручаф од златне чиније и да пиеф из кристалне чаше?“ што би рекле негови кумановци?

Треба, него што. Малку му е. Малку ни е. Да се поднесе иницијатива и да почнеме со петиција СОЗР да му дадат есцајг од барем 370.000 евра. Па „могуќе“ ли е Заевиот протеже и наследник да не јаде со нож посипан со дијаманти или да не става во уста златна лажица со ЗЗ иницијали и со грбот на Заевци во филигран? Не смее така, Таче „мораф да ги имаф сви погодности и лезети“ и да се чува како национално богатство, во регистер на загрозени видови да се внесе, со рисот, пастрмката и моликата да се смести. Описот би бил: „Ендемски вид на наметнат премиер, кој „ничим изазваним“ премиерот кој се однесуваше ко муртински крал и никогаш не победи на избори за да биде премиер го намести да биде негов престолонаследник.“ Пократко и појасно, здравје…

И што да очекувате од премиер чие СОЗР гарант лапнало 5 илјадарки рушвет, со влада во која од старт е најкатастрофалниот министер за внатрешни работи („Рекет“, Рашко, „Планина“, Димова, „Мафија“, Димова, марихуана во полициски гепек итн. итд. и др.) кој загуби на избори во свое маало (ама кумановско)  и министерот за правда кој од толку министерување успеа да „качи“ само 40-на килограми на себе и за нас 20-на полоши места на листите за корупција и недостиг на правна држава, па сега ќе го награделе со вицепремиерлук за евроинтеграции?!?!

Веројатно, убаво е кога стартувате со влада од која никој, ама ич и ништо не очекува. Односно, искуствено се очекува да не работите ништо или да работите катастрофално и со многу глупости и криминалии. Старт од соништата…

Марија Антоанета „мудро“ препорачала народот кој нема леб да јаде колачи. Кој знае што за неколку месеци отсега ќе препорача Таче Антоанета со еден, единствен сет за ручавање во вредност од најмалку 4 просечни плати?

Не грижете се, лесно му е на Ковачевски, тој најмалку се „секира“, нема што да се мачи и мисли пустиот. Заев ќе му каже што да каже…