Прочитајте ја новата колумна на Сашо Клековски, објавена за НОВА МАКЕДОНИЈА
„Со голема горчина ги примам актуелните изјави на нашите (м.з. НАТО/ЕУ) сојузници за прекршување на меѓународното право од страна на Русија. Ми иде на ум народната поговорка со свој камен по глава. Истите овие ликови ни се потсмеваа во лице откако на суд докажавме дека Грција ја прекршува Привремената спогодба спрема нас. Или можеби Меѓународниот суд на правдата не пресуди дека има повреда на меѓународен договор?
Не го одобрувам потегот на Русија, но неконзистентноста се плаќа“, изненадувачки брзо напиша на социјален медиум Тони Дескоски, познат и ценет професор по право и учесник во тужбата, по ескалацијата на кризата во Украина и признавањето на независноста на нејзини делови од Русија. Ова е контекстот што може да го објасни тоа што некои странски набљудувачи погрешно го доживуваат како симпатии кон Русија во Македонија, а слична е состојбата и во неколку други земји од Балканот.
Не тврдам дека нема љубители на Путин во Македонија, има такви, но тврдам дека мнозинското чувство не е поддршка на Путин, туку револт кон Западот и како тој ја понижи Македонија, прво во спорот со Грција, а сега во спорот со Бугарија.
Оправданиот револт кон Западот, кој по игнорирањето на меѓународното право во спорот со Грција, сега оди во насока на поддршка на бугаризација, наместо европеизација на Македонија, во ниеден момент не смее и не може да се помеша како поддршка за Путин. Македонија и особено етничките Македонци имаат многу причини за поддршка на Украина и Украинците! Уште во 2014 година пишував за „Петте причини за поддршка на Украина“, а во меѓувреме таа листа се зголемува. Листата на причините за поддршка на Украина е оспорувана, вклучувајќи етникум и црква, делена и владеана од туѓи земји; млада држава; во 2001 година ја поддржа Македонија; имаме добри трговски односи; двете сме жртви на прекршување меѓународни спогодби; на двете ни е важен принципот „нема територијални решенија за етнички прашања“, и листата на причини за поддршка на Украина не завршува тука.
Иако веќе имам пишувано, да повторам некои од аргументите. Оспорувана, делена и владеана од туѓи земји е опис во кој многумина ќе ја препознаат Македонија, но и Украина. Украина со својата позиција меѓу Централна Европа на запад и Русија на исток, меѓу Балтичко Море на север и Црно Море на југ, е важна крстосница. Историски, Украина е делена од посилните соседи Австро-Унгарија и Русија, Полска-Литванија и Отоманската Империја. Во Украинската војна за независност, 1917-1921 година, нема земја, нема војска што не учествувала. И не само што била делена и владеана, туку била и оспорувана. Словенските браќа и соседи на северозапад и исток, Полјаците и Русите не ја признавале посебноста на Украинците, кои биле подложувани на полонизација или русификација, која се рефлектирала на јазично и на верско поле.
Украина, доминантно православна, е поделена меѓу Украинската православна црква, Киевска патријаршија и Московска патријаршија, и украинските унијати. Со словенски браќа и соседи што те оспорувале и со доскоро непризнаена црква, како да се нема разбирање и поддршка за Украина? Долга историја, а сепак млада држава, со предизвик на градење општествен договор, е исто така опис во кој многумина ќе ја препознаат Македонија, а се однесува на Украина. Македонија и Украина се врсници, тие стекнаа независност во 1991 година, се повикуваат на историското наследство и своето будење го имаа на крајот на 19 и почетокот на 20 век. Украина со својата независност се соочи со предизвикот на градење општествен договор во услови на јазична и верска разноликост. Како млада држава, со предизвик на градење општествен договор, Украина е послабата страна, и наспроти Западот и наспроти Истокот, кои сега ја експлоатираат украинската разноликост, со мотото „раздели и владеј“. Како да се нема разбирање и поддршка за Украина, како млада држава, која е и послабата страна?
Во најмрачниот геополитички говор на 21 век, Путин ќе тврди дека Украина е вештачка творба создадена од Ленин и дека Украинците допрва ќе видат што значи „декомунизација“? Звучи познато? Истоветни со негаторските ставови на Бугарија дека Македонија и етничките Македонци се вештачка творба создадена од Тито, на што се надоврзуваат барања за „раскин со комунистичкото минато“. Видов неколку реакции од либерални Бугари дека споредбата не држи. Да, во Македонија нема „Народна република Ново Село“ и Бугарија нема да употреби воена сила, нели во ист сојуз сме, ама сѐ друго е исто.
И наспроти нашето чувство на пониженост од непридржување на меѓународното право и договори од Западот, сигурно може да сочувствуваме со истата таква пониженост на Украина. Русија, токму Русија, заедно со САД и В. Британија со Меморандумот од Будимпешта за безбедносни гаранции од 1994 година, во кој Русија, потпишано од Сергеј Лавров, ги гарантира територијалниот интегритет и независност на Украина (Белорусија и Казахстан), во замена на откажување од нуклеарното оружје. Руските гаранции на Украина исти како „гаранциите“ на Грција и Бугарија за нашите ЕУ-интеграции.
Има и некои што ќе викнат Украинците се фашисти. Да, имало Украинци што се бореле на страната на нацистичка Германија, бидејќи ја доживеале како ослободител од Полска и Русија. Но имало многу, многу повеќе Украинци што се бореле на антифашистичката страна. Како што имало и кај нас во Македонија, како што поедноставено велиме, соработници на окупаторот.
Некои го оправдуваат Путин, укажувајќи на лицемерството на Запад. И не само Запад, еве Турција го осудува признавањето, а истовремено е единствена на светот што го признава од Кипар насила отцепениот Северен Кипар. Македонија како земја што е жртва, која страда од соседите и „realpolitik“ на моќните, не може да не биде на страната на друга земја жртва – Украина! „Слава Україні!“, на што студентите на харковскиот универзитет на крајот на 19 век враќале со „По всій землі слава!“.