вторник, 14. ноември 2023. Вести денес: 0
home Колумни

Конзули, конзументи и влада со Стокхолмски синдром

Конзули, конзументи и влада со Стокхолмски синдром

Амбасадори ги донесоа, конзули ќе ги симнат. Но како минува времето, полека сфаќате каде е проблемот со оваа владејачка болумента. Не, не е проблемот што се криминалци, тотално неспособни и опортунисти. Тоа си е одамна апсолвирано, од старт. Главниот проблем е што пустите се буквалисти, апла. Недоквакани лукративци кои не знаат да читаат меѓу редови, банда која не се ни запрашува зошто и како магарето лета. Штом така им рекле, лета. И точка.

Затоа, ова е северна влада. Пејоратив. Повторно буквално. Оти така сфатиле ајваните само и само затоа што така им рекле, па сега се’ што е од север е добро. И голтаат. Без џвакање. И да не ве чуди што и старо-новата направија наречена влада е гарнитура со очебиен Стокхолмски синдром која толку си ги обожува и љуби киднаперите. Им годи и фантастично им прилега. Чудно би било да е поинаку, нели. И супер им стои затоа што Стокхолм е на север, а тие толку ја љубат таа страна на светот. Оти така им рекле…

За неолибералните политиканти со стокхолмски синдром секое подјармување и ставање во подредена позиција е воодушевување и  ново откровение. Особено кога садистички и јавно ги понижуваат, тогаш тие добиваат вистински наплив на серотонин, вистински вриеж на хормонот на среќа. Кога ја киднапираат иднината на нивните граѓани, пак, небаре процветуваат и влегуват во екстаза, а кога некој ја негира нивната нација, историја, држава, јазик и постоење, е тогаш паѓаат во ултра-северџанска нирвана. Тоа да било најубавото чувство за секој пион од владата на Заевиот престолонаследник Таче. Вистинско цунами и поплава од задоволство…

И не очекувајте да научат и разберат дека кога некој те блокира и негира, а ти по цел свет насмејан скокаш околу негаторот како недоветен и му целиваш нозе – ти си оној кој на другите им кажува дека немаш проблем со неговите блокади и негации, го амнестираш негативецот и покажуваш дека тебе „у ствари“ ти е супер, дека буквално уживкаш во чинот на газење, дека не ти пречи што тој некој те кочи, те ништи и навредува. А уште помалку, ни на крај на умот не помислувајте дека овие мазохистички шапшали ќе сфатат колку ве срамат, затоа што тие не знаат што е тоа. Оперирани се од чувството кое во светот на Заевци е најголема маана и грев. Недостигот на чувство за резил е основен предуслов за „бидување“ министер во неа.

А не’ срамат со вклучено турбо, нон-стоп, 24/7, не понижуваат бескрајно додека онака насмејани од уво до уво, со блажена фацијална експресија, кога небаре легнати во скутот на негаторите глумат кооперативна страна, само и само за да не дај Боже меѓународната заедница не им ја откаже поддршката. Оти без таа послушност, антинационална ултра-учинковитост и немакедонскиот перформанс пуштен на најјако, никогаш и не би ни биле на таа пуста власт. Најмалку очекувајте да имаат трошка осет дека за МАКЕДОНИЈА се работи, а трунка гордост и достоинство да покажат, тоа едноставно не им е во описот на северно-стокхолмското работно место.

И така, својата апсолутна неспособност на секое можно поле поданиците на Заевиот клон Таче и натаму ќе ја затскриваат со послушност и ќе „учинат“ се’ и секому, само не на Македонците. И уште пострашно, се замислувате и полека, но сигурно, сфаќате дека оние кои ни ја киднапираа Македонија, Заевци и Тачевци, не се единствените кои уживкаат/хибернираат во друштвото на својот киднапер. Боли или не, но ви „светнува“ дека преку недејствувањето даваме амин, забегуваме и прераснуваме во нација со Стокхолмски синдром. Во земјата каде конзули се тресат од ракавот на Ахмети, станавме неми посматрачи и послушни конзументи на северната лакрдија.

Го знаете вицот кога насилникот, изнервиран од сервилноста и немањето никаков отпор од киднапираната жртва, луто и вели: „Мислам дека имаш Стохколмски синдром!“ А таа му одговара: „Како не ти е срам! Ме киднапираше, па уште и ме навредуваш. Сепак, и покрај се’, те сакам бескрајно!“

Како нарекувате ЛАВ со Стокхолмски синдром?

Маче…