четврток, 18. јануари 2024. Вести денес: 0
home Колумни

Лазечкиот циркус на Монти Зајтон на сцена во „На Мирчо Бишкарнико“

Лазечкиот циркус на Монти Зајтон на сцена во „На Мирчо Бишкарнико“

Се навикнавме, со утринското кафе и тазе буречето доаѓа и тазе скандал од Заев или неговото поблиско опкружение. И така, секој ден си носи нова праизведба на нова апсурдна театарска едночинка од репертоарот на црпнатиот драматург кој нон-стоп е главна ѕвезда во „На Мирчо Бишкарнико.“ И сега, Зоче ќе даде оставка денеска, утре, а поверојатно вчера. Оти, иако црпнато, човечето да ти било од збор. Буквално. Декларативно типче. Создадено не од дела, туку само од збор. Зборови. Не ги разбирало, ама си ги терало. И така цел живот. Прво со скапани чушки среде вреќата, после со Глобали, па со фејк-рани од 27-ми, па со продажба на име, устав, историја… Си лажувкало ваму, си лажувкало таму и си преживувало пустото. Научило една евтина финта, не гледај ме што правам, туку слушај ме што зборувам. И така, Заев да ти умислил дека станал илузионист. Абе, Худини вода да му носи. Овој нашиот си самосоздал илузија за една цела измислена држава. Северна ја викал, фиктивна направија што постоела само во неговата и главите на северџанските користољупци. Оние оксиморонски прогресивци со примордијални нагони. Модерното било само во фактот што пештерите ги замениле со хациенди, а атовите со џипови…

Е сега, соочен со една силна народна шлаканица и клоца, вонвременска форма на изразување непожелност и порака – да те нема, проѕирен си ко лошотијата на Мила и IQ-то на Љупче, Зоран влегол во шема да глуми доблесен политичар. По кој знае кој пат. Изгледал како слон во пижами, ама тоа не му пречело да продолжи со евтината драмолетка на социјалдемократски патрдии. Оној циркус, кога Заев е искрен човек со интегритет, Шилегов не пие, Шеќеринска не е злобна, Артан не е националист, Оливер го знае родот на Свети Сава, Филипче знае што е морал и одговорност, Царовска почитува историја, Ахмети зборува македонски, на Рашко не му лепи рачето, Димова не дава милиони за магариња, Павле е анти-дрога настроен, а Димитров не љуби нон-стоп и без поговор да потпишува антимакедонски глупоштии…

Да, ова е збирштината на антимакедонски кловнови од Лазечкиот циркус на Монти Зајтон, бледа, сива, неинвентивна, но доходовна за нив копија на Летачкиот циркус на  Монти Пајтон. Овој нашиот, така аморфен, безрбетен и целиот греота лета само по пари. Инаку, 99 насто од времето лазат ли лазат. И после се чудат што народот на избори ги прегазил ко шлепер жаба…

Велат дека и најдолгиот пат почнува со првиот чекор. Во Македонија тој прв чекор бидна со локалните избори како увертира во смена на централната власт, на која, пак, главна и  централна тема и е спасот од и по оставката на ЗЗ. Или, не ќе да е баш така? Да, не е. Не се бунат и пенават Џабировци, Тричковци, Спасовци, Фрчковци и остала интересџиска компанија за судбината на Црпко, јок. Добро знаат каква невидена дилајла им е лидерот. Пресметаните суртуци се пенават и пискаат за себе, за спас на својата уживанција и комодитет. Со ЗЗ заминува и нивниот лезет. Знаат шапшалите пресметани и дека тоа е почетокот на крајот на наметнатата северна идиотштина. Не верувате?

И натаму мислите дека зародишот на враќањето на Македонија во Штип и Аеродром е случаен и бениген? Ќе ги искараат и ќе заврши? Никогаш. Ништо не е случајно во животот. Некои велат дека “случајноста“ е начинот на кој дејствуваат некои поинакви сили. Се сомневате? Епа, за ука, истите тие арогантни агресивци со Данинг-Кругеров ефект задоени кои се сомневаа во Македонија, македонштината и Македонците сега панично бараат место во резервното чамче и чаре за спас од северниот брод кој тоне. Да, стаорците по навика први го напуштаат. Сфаќаат северџаните дека се зезнаа, излетаа и се/ги преценија. А парите, тие брзо се трошат кога се лесно заработени. Со предавство, пак, било најбрзо. После, најмногу и болело…

Преоптимистички? Не ќе да е. Исто ко правдата и македонштината е спора, ама секогаш достижна. И признајте, преубаво дојде ова есенско загревање за жешка македонска пролет. Октомвриско-ноемвриско отворање на македонските чакри и душа. А замаецот, тој се придвижи, враќање назад нема. Аирлија…

????????????????????????????????????