петок, 17. ноември 2023. Вести денес: 0
home Колумни

Македонска дијазепам зомбификација

Македонска дијазепам зомбификација

Ете каде лежел зајакот. Не, не Заев, тој со Филипчо му целива нозе на Ахмети. Пуста навика. Зборуваме за оној другиот, македонски зајак. Црпко не е од тие зајаци, дефинитивно, тој не е македонски…

Туку, тој нашиот зајак да ти лежел во дијазепам. И буквално и фигуративно. Се давел во антидепресиви. 850.000 рецепти во 2014-та, 1.400.000 минатата година. Пута два со Заевци, па нели не ги бива за ништо? Еве инстант-демантче. Оваа година, гарант ќе бидеме и подобри, во секој смисол. Помалку зејтин, гориво и брашно, ама за дијазепамче мора да се има…

Да, дојде живот, најживот. И, не заборавајте,  тоа дијазепамчето е само за сиромаштијата и ситна боранија. Североидните богатунчиња кркаат прозак или бело, нешто што македонската раја не може да си го дозволи. Грдо и депресивно со антидепресививе, ама сето ова има и добра страна.Се чудевте зошто сме вакви „тапанари“, чуму не не’ бива за ништо?

Еурека! Ете зошто ни се случувало сето ова што ни се случува. Кога веќе сме кај симболиката со животинскиот свет, тоа да ти било она што ги онаквувало кокошките, а не било петел. Да, дијазепамот да ти бил виновен или „крив“ за се’ што не ни е право. Ете, си најдовме оддишка, виновник и алиби, ни падна каменот од плеќи, проклет антимакедонски антидепресив низаеден.

Значи, не е дека ние сме виновни што некој не гази, а ние не мрдаме со прст. Уште помалку вина имаме што се однесуваме како теледиригиран зомби-народ. Не, ние не сме „криви“ што ни сменија име на држава, а ние само гледавме како воајери што се случува и кукавме ко бапчорки. Јок, не било до нас што едни владејачки северџански суртуци без никаков аргумент и потреба ни донесоа двојазичност, јок. Не било до нас што Грците ни го зеле приматот врз МАКЕДОНЕЦ и МАКЕДОНСКИ, неее. Невини сме што со Бугарите преговараме за идиотштина како „заедничка историја“ и што некој ајван-престолонаследник ни ги продава револуционерите и светците, чисти сме си. Тотално сме амнестирани и за промената на Уставот и вадењето на АСНОМ од него. Апсолутно сме си супер што табличките се НМК, а кодот демек уште ни бил МК, уште посупер што никој не ги чкрта нити затскрива. И за промената на пасоши, лични карти, театри, филхармонии и се’ што до вчера беше македонско, не сме ние виновни, охи. За шахтите, најмалку. Звучи малу оксиморонски, но во национална депресија сме ти биле поради антидепресивите. Ок, тука се и анксиолитиците, хипнотиците и седативите…

За сето ова што го наведовме погоре, се’ што мина и не го спречивме, а има уште десет страници да се пишат, да ти бил виновен тој пуст и лош дијазепам. Клет, проклет, најклет. Апаш. Арам!

Не, не е до нас. Никако! До него е. Да не беше дијазепамот, сега ќе дигавме револуции. На клоци ќе ги истеравме од Илинденска оние кои се дрзнаа да чепнат во националните светии, за секое „северна“ кажано за уши ќе ги тегневме и премиерот, претседателот, министрите и пратениците. За Гоце и шлаканици и чврги ќе летаа. За сите понижувања и нанесен срам, ќе ги избришевме од светот на политиката, па ќе мораа школо да завршат (вистинско) или занает да научат и за промена  да работат за да преживеат северџаните. Да, само да не беше тој проклет дијазепам и браќата му хелекс, апауринче, лексилиум и компанија. Факт. Лоша, антидепресивна фамилија владее со Македонија. Не се замо Заевци…

Арно ама, што е тука е. Немало спас, дијазепамот не’ победи. Нефер битка е тоа.

Имаш две опции во животот. Првата е да се бориш за своето, да негодуваш, да протестираш за Македонија, за семејството, за нацијата, за предците, да изразиш јавно револт, да ги казниш оние кои ти го уништуваат најсветото, па дури и само да гласаш. Ама тоа е тешко, нели?

Другата опција е многу полезет. Се’ што треба е да си лапнеш дијазепамче и да си свиркаш. Да, и некој од побратимите дијазепамски ќе заврши работа. И се’ си е тамам. Порамно, здравје. Македонска дијазепам зомбификација на сите национални сетила. Абе ќефови.

Единствен проблем е кога ќе кризираш затоа што си заборавил да набавиш од антидепресивите на време или си кркнал повеќе него шо треба, па порано си ги истрошил. Упс! Проблем, голем. Е, тогаш, се враќаш во грдата, антимакедонска реалност и сфаќаш колкава идиотштина си направил со намерното отапување на сетилата. Се будиш насила во една поинаква, нерозова, црна Македонија, која веќе не е ни Македонија. Те облева ладна пот, те фаќа срам, сфаќаш дека северџаните те работеле ко дијазепамска бавча, црвенееш од чувстото на вина, пцуеш, конташ колку си заебал работа. И?

И дигаш џева, се будиш и почнуваш да се бориш, даваш се од себе за да надополниш за глупоста која 90 насто е твоја вина, се враќаш на правиот пат затоа што си „крив“ ко црн ѓавол???

Јок. Моменталната криза и мака се решава со еден-два ултра-македонски статуси на ФБ кои по добивањето на дозата ги снемува. Јасен знак дека некој снемал дијазепамче. Освестувањето е кратко, следува трк до аптека или палење гуми, купување нова доза со розово рецептче и се’ пак си е таман, порамно здравје, поубо никогаш. Се’ е пак така розово и убаво, абе нирвана…

Наравоучение. Добро да си ги пресметате дијазепамчињата и немојте да дозволите да ви снема, за да не ве фати криза, па макар за момент да сфатите колку сме идиоти и колку ја заебавме работата.Нека дораспродадат се’ што е македонско, нека не избришат од секаде, економијата нека ја убијат, нека ги задолжат и нашите прапрапраправнуци, нека ја уништат Македонија на секое поле, нека крадат ко улави. Не е битно. Диајзепамче и се’ е топ, фантастично. Дознаваме дека Владата ќе вложела силни напори цената на дијазепамот да не порасне, ама никако. Бидете си мирни….

 

П.С. Џабе ги задолжуваат нашите прапрапраправнуци. Се зезнале северџаните, јако. Уште нашите деца ќе се иселат од државава, не па тие. А ако, случајно, се загриживте за последново, кркнете уште едно дијазепамче. Ќе ви помине…

П.П.С. Според зборовите на бугарската министерка Генчовска која во Битола изигруваше форензичарка, пироманот на таблата на фашистот  и македоноубиец Ванчо Михајлов, со кој тие многу  се гордеат, дошол смирено и ја запалил. Сепак, мислам дека сторителот поверојатно не бил Македонец на дијазепам туку Бугарин на задача. Македонците да палеа, немаше да бидат таму каде што сме. Никаде…