вторник, 7. ноември 2023. Вести денес: 0
home Колумни

Македонската мака или доходовноста на професијата есдеесовец…

Македонската мака или доходовноста на професијата есдеесовец…

Во целата македонска папазјанија со луцидни амнестии, тендери, убиства, безрбетништво и политиканство, како гром од ведро небо одекна повикот за „обединување“ на СДССС. Од каде сега па овој вапај, лелек и пискот наваса? Од Бихаќка…

Аууу, уште побитно, а на која база ќе биде тоа „обединување“ се запрашаа сите нормални во Македонија? Околу што би можело да се обединат комуњарите? Околу пари, беше првата мисла. И остана. И толку…

Патетичен, „цепки“ апел испратен од нивно чедо, кое пиша, па се скапа од плачење и негирање за напишаното. Во манир на претседателот им Стево. За два часа, истиот калпазанин тврдеше дека напишал нешто сосема друго. Не, не го разбрале, лоша перцепција. Небаре кој знае какво литературно мега-дело ил класик напиша па требало да се толкува…

А, што срочи инстант-самодемантирачкиот пратеник, за чие име јавноста сефте и првпат слушна  токму по плачката за „обединување“? Епа, пиша вака, воедно и јасно и гласно залелека: „Социјалдемократи другари и другарки или ќе се држиме сите заедно еден до друг, или ќе потонеме сите еден покрај друг… Време е за помирување и обединување.

Вака, есдеесовската бапчорка, уплашена од изборите кои следуваат и детронизацијата на партијата која никогаш и не требаше, не победи, ниту смееше да биде на власт, записка и заплака. Арно, ама не сфати дека екс партијците и активисти незадоволни му „живеат“ на ФБ, особено оние шарените и неуранетите, невдомените и оние кои не добија проектче, тендерче или каков и да е советнички ангажман. А толку многу се “бореа“ за тоа пустите, та пискаа, врискаа, фарбаа, пиеја, шмркаа, пафкаа, кампуваа, пееа „Бела чао“, гушкаа ГТЦ, кондури оставаа, лажеа за починати деца, момчиња и новинари, ламентираа дека немало ни правда ни мир, ја рушеа Македонија…

И истите тие, напатените и ненаградени душички, му се сипаа ко оси на ајванот пратенички, кој замисли само, се дрзна по 6 години на власт да ги повика пак да се „обединат“ за да не потонеле, односно пак да гласаат за нив и да ги поддржат јавно во конечната и идиотска бугаризација на Македонија со прифаќањето на инфантилните уставни измени.

Пази само, вдомено пратениче со жива мера плус 15кг од претходната состојба и полн новчаник, сега ги бара шарените содругари за да не потонеле заедно?! А него, мешето со сало ќе го држело на површина, прокоментираа шарените глупандери на ФБ, чеда напатени кои не добија шанса да чалабрцнат од медот, па му се сипаа и си кажаа се’ што треба. И се’ како што е…

Во лутината, сите си признаа, ама јавно, зошто ги правеле сите тие глупости. За ПАРИ, за ПОЗИЦИЈА, за РАБОТА, за УНАПРЕДУВАЊЕ, за ПРОЕКТИ и ред други лукративни лижавчиња, моркови и подмачкувачки и алатки. Индолентниот апел на северниот хохштаплер, несакајќи ги извади на виделина лубрикантските мотиви на учесниците во шарената дееволуција, движење кое од учесниците – луѓе, направи апла мајмуни, а државата ја дееволуираше во беден протекторат.

На прашањето „Околу што ќе се обединат СДССС?“, одговорот е многу јасен. Кауза ни за лек, статива. За Европа лажат затоа што крадат како да се од планетата Ференги. Македонија не ги интересира ни на сон, освен за пазар со неа. Обединети против Македонија ДА, видовме на дело, за неа јок. Заедништвото и Македонците им се мисловна именка – би си ја продале и ја продаваат со песна и сопствената мајка и татковина за пари, не па сопартиец. Заеднички идеи и планови немаат, муљаат со утопии како ЕУ за да правдаат кражби со неа и со нивни знаменциња. Ги обединува и поврзува и идиотската и навредлива за секој нормален човек северна придавка. А северна за нив значи владеење кое, инаку, никогаш не би го доживеале. Следствено на  тоа, власта ја гледааат како начин и средство за полнење на џебовите. Значи, пари, пари и само ПАРИ ќе да се заедничкиот именител, НЗС за секоја комуњара.

Затоа, повикот на анонимното пратениче е да се обединат околу парите, околу крадењето на Македонија, пари без кои „браќата и сестри по пари“ од СДССС ќе потонат, како што сликовито објаснува ненародниот неизбраник. А ќе потонат, ама длабоко. Да, премногу ќе беше да каже и дека ако не се сплотат и обединат, голем дел ќе завршат и по затвори. Оти, по избори следува одговорност. Новиот НЗС на СДССС – ќорка и пругасти оделца.

Ќе беше фер да ја каже и вистината за обединувањето, но тогаш тој не би бил од СДСССС. Таму вистината е забранета и неподобна за професијата есдеесовец.

Затоа што, цели 32 години, да бидеш дел од СДССС е професија. Без ниедна вера и нација. Партијата од Бихаќка не е партија, ниту движење, нема друга цел, кауза никаква, тоа е обична компанија за вработување и лажна кариера. Токму затоа, што и да им кажат да направат, амбициозните опортунисти оком-скоком го прават, ко арогантни пит-були агресивно џапаат, гризаат и не пуштаат, макар цената била Македонија, историја, светци, револуционери, нација, знаме, име… Затоа пратеничињата опсипани со Данинг-Кругеров ефект гласат ли гласаат, со две раце ако треба, не треба ни да ги уценат, ни да им се заканат со затвори или деца, едноставно така рекол Бранко, Црпко или Таче. Така треба. Така наредил работодавецот без кој тие би биле на улица, без пари, неспособни исто како и компанијата СДСССС секогаш водена на ланец од некој газда од „страна“.

Во моментот, во Македонија две професии се најдоходовни и се води битка меѓу нив. Не, тоа не се ИТ-секторот или контрола на летање. Во овој миг битката за тоа кој прави најмногу пари се води меѓу две занимања, толку слични меѓу себе, две занимања толку блиски до првата професија на светот.

Професија ЕСДЕЕСОВЕЦ против професија Бугарин. И двете занимања ги спојува она на „С“, се натпреваруваат кој повеќе ќе го вергла како расипана плоча. Кој повеќе ќе ја урниса Македонија. Наједноставниот репер и испит дали си или не си Македонец.

П.С.

И, крајно време е да го извадите светото „М“ од СДСМ и да си станете СДС „социјалдемократи од северна“, Македонија и онака не ви прилега. Ниту вие на неа…