вторник, 7. ноември 2023. Вести денес: 0
home Колумни

МОНСТРУМИ

МОНСТРУМИ

Основната мантра на еден одрод претполага три основни дејности: релативизација, девалвација и ароганција. Она што Тачевци го прават во моментот за и со монструозниот случај на онкологија. Та бил мултиетнички, пази и мултипартиски, а мултикултурен не ли е? Заборавија и раси и џендери да  измешат во прикаската забегана.

И така, Таче и тајфата новинарска и експертска ќе ве убедуваат во таа „вистина“. Ова било од памтивек, демек, тие „хероите“ го окриле?! Јок, го открија новинарите, вие ќе си ќутевте до смрт за да не ве окаља. Та правдата ќе била иста за сите?! Никој не ви верува со оваа 0.2 насто доверба во судство и обвинителство. Те истрагата ќе била со сите нишани?! Како за модуларната во Тетово, Дурмо, Беса и останатите ли?

Прво, Ќуране,  не постои мултиетнички и мултипартиски криминал, има само еден и единствен КРИМИНАЛ. Не релативизирај.

Второ, криминалот според информациите и наводите се случува не веќе 20 години туку од 2017-та година, лето Господово од кога вие КРИМИНАЛЦИТЕ на сила сте на власт. Не извитоперувај.

Трето, не само Сали, Филипче да го видиме, оној „моторџијата“ новопечен кој скоро 5 од 6-те години на власт беше прв човек во здравството и палеше и гасеше. Рибата смрди од главата. Упс, тоа значи и од Заев и од тебе, Таче, од Стево. Од сите. А, и Обиџуко Спасовски да не паламуди, 6 години нему ова му се случувало пред нос. Да не објавеа новинарите, ќе си бркаше авто-тендерчиња и денеска. Не лажете, никој не ви верува, одамна…

Четврто, не ви веруваме бидејќи и Алија и ДУИ побараа целосна одговорност, аууууу! Тоа е просто невозможно кога тие го бараат, видовме до сега, не сме ајвани. Правда со вас немало нити ќе има…

Можеме вака до сто и едно, ама, за жал,  зборот МОНСТРУМИ ви стои и прилега ко измислен, на секое можно поле, било тоа здравство, не образование, на национално поле и да не зборуваме. Во текот на годините велат дека станавте вистинско легло на социопати и психопати, податна роба за монструми. Дијагноза која што ме потсети на еден мој неодамнешен текст. Се’ се менува, само монструмите си се едни те исти.

…Според науката, соцопатите и психопатите се чеда со сериозна фалинка и наводно да ти биле шармантни, манипулативни, бесчувствителни и агресивни. Дали описот ве потсетува на едни опортунистички ликови од македонската политичка сцена? Сурија која направи стотици забеганости, ама и покрај се’ многумина сериозно не им замераат за дејанијата? Оти, па на будалата не можеш да му се лутиш, нели? Да, веднаш се сетивте на едни фацки, нели? Разбирливо…

Уште подобро, за да описот биде подетален, она што им е заедничко на двете крајно забегани категории е недостиг на емпатија, непочитување на правила (почесто и закони) и самобендисано однесување без чувство на вина. Вина? Ова, повторно го вели науката.

Аха, без одговорност во нив??!?! И тука, првото на што ви текнува е на една тотално негативна плејада владини ликови, кои за да ги наброме, искрено, ни требат мноооогу страници. Тоа е за формат на Толстој, цела банда се…

И што велат психолозите? Епа, иако немаат емпатија, наводно,  често се многу шармантни луѓе и вешти манипулатори. Кх, кх, кх, веројатно, нудат оставки,  а другарчето не ги прифаќа и чека резултати од истраги, а?

Уште пострашно, тешки фолиранти се глумциве. Социопатите и психопатите, замисли, учат да ги имитираат чувствата на „нормалните“ луѓе (читај „на Македонците“), и покрај нивната неспособност да ги почувствуваат. Затоа, веројатно и не им ни стои кога глуматараат дека жалат за загинатите во пожарот во Тетово, кога демек нудат оставки, или кога така фејк жалат за починатите од ковид-19. А насмевката под мустаќ, вришти ли вришти…

Велат, дека некои психопати се толку добри во манипулирањето што нивната околина никогаш не се ни сомнева во нивната вистинска природа. Нашиве се демистифицират кога ќе дојдат на валст. Башка, кога вршат кривично дело, вели теоријата, тие внимателно го планираат секој детаљ и често имаат резервен план. Е сега, за разлика од социопатите, психопатите да ти биле ладни, мирни и фокусирани. Од полициска перспектива, ова ги правело многу ефикасни криминалци. Во превод, очебијно, нашиве владејачи се комбинација на двете категории. Некој хибрид меѓу врхушката на СДССССССС и ДУИИИИИ, грифон ли, сфинга, што ли е…

Ги дели и дијагнозата. Причината за психопатија се разликува од социопатијата. Претпоставка е дека психопатија е резултат на наследство, пуста генетика, а социопатија е резултат на надворешните фактори (читај меѓународна заедница).

Фер, ги препознавте ликовите, од авион се гледа кои се и што се. Декларирани и докажани на дело политикантски психопати и социопати, за кои ќе требаат повеќе ревизии. Не психијатриски, законски. Што на пописот, што на одговорност, што на име, што на предавства, што на укинат „фашизам“,што на тендери, што на бугарски злодоговори, што на криминални дејанија, што на историја, што на плантажи, што на образовни дигитализации, што на преспански капитулации, што на Француски договори и неуставни измени. Ме интересира само како ќе ги налеат кутлешите на избрусените шахти…

Ај, да им ја растуриме дружбата, време е. Ама, крајно. Во име и на чедата Божји мачени и садистички убивани на онкологија, во име на жртвите од модуларната болница, на оние загинати кај Ласкарци, за оние во нелиценцираниот автобус, во име и на браќата кои лежат невини по затворите, во име на правдата, достоинството и честа. Во име на ИМЕТО и историјата кои сакаат да ни ги сменат.

И да, секоја сличност со вистинските ликови и настани е тотално неслучајна…