понеделник, 6. ноември 2023. Вести денес: 0
home Колумни

НАЦИОНАЛНОТО ПОМИРУВАЊЕ НИ Е НАСУШНО

НАЦИОНАЛНОТО ПОМИРУВАЊЕ НИ Е НАСУШНО

Пред речиси десетина години со колеги од Катедрата за историја ги дискутиравме процесите на национално помирување во посткомунистичките држави. Констатацијата, секако, беше дека, за разлика од соседните земји, во Македонија немало толку длабок јаз по идеолошка линија, што се должи на констелацијата во која била конституирана македонската држава. Како држава се конституиравме по Втората светска војна, а во борбата за создавање на држава сите сили, без разлика на политичката идеологија, имаат една цел – најпрво да се сосздаде државата, така било речиси секаде, па и во Македонија, но веднаш по конституирањето ние навлеговме во еднопартиски систем. Во тој систем, како и во сите други тоталитарни системи, опозициската мисла била држена далеку од јавноста, била третирана како безбедносно прашање и со нејзе се занимавале безбедносните служби. Па така, на македонската јавност не и била позната различната идеологија од онаа на властите, како што тоа било во Србија, Бугарија и Грција кои имале повеќедецинско искуство со политички партии, во Македонија различната мисла претставувала дисидентсво. Повеќедеценискиот длабок идеолошки јаз кај соседните држави доведе до неопходноста на национално помирување.

Никогаш не претпоставив дека десет години после тој разговор, во 2018 година, ние ќе мораме да започнеме процес на национално помирување кој во моментов ни е насушен. Сепак, повторно не станува збор за идеолошка поделба, барем не класична идеолошка поделба, станува збор за поделба на концепти кои суштински допираат во сржта на државата и нејзиното опстојување. Но Македонија не би била Македонија доколку нештата не бидат покомплицирани од останатите држави, кај нас покрај интеретничко потребно е и меѓуетничко помирување, мислам на суштинско помирување не на шминка и инстант заложби со изјави за пред камери.

И сите овие поделби ќе бидат минорни доколку се направи вистинската, би рекол и неопходна, поделба по прашањето „Дали ти сакаш оваа држава да опстои или не?“. При поделбата по ова прашање ќе се анулираат меѓуетничките и идеолошките поделби, и на двете страни ќе се најдат припадници на различни етникуми и различни политички погледи и идеологии, и на едната и на другата страна ќе има и Македонци и Албанци. Оние од онаа страна, кои не сакаат да опстане државата, ќе имаат право на тоа нивно чувство, но другава страна треба да им даде јасно до знаење дека секое преземено дејствије во насока на остварување на нивните желби – оваа држава да не опстои, ќе биде казнето по закон и Устав без сантиметар задршка. На овој начин функционираат современите западни држави во кои владеат правото и демократијата во нивната вистинска форма а не декларативно. Кога законот и Уставот ќе бидат над етничката припадност дури тогаш ние ќе можеме да говориме за држава. Кога казната и обврските ќе важат подеднакво и за Македонците и за Албанците ние ќе можеме да збориме за правна држава и еднаквост. Секој човек има право на живот, слобода и потрага по среќа, исто како што секој човек е еднаков пред законите и обврските.

Кога ќе го расчистиме ова прашање, ние мнозинството, составено од Македонци, Албанци, Турци, Власи, Роми, Срби и Бошњаци, кои посакуваме оваа држава да опстане, понатаму ќе имаме многу лесна задача, уредувањето на внатрешните прашања ќе оди подмачкано знаејќи дека крајната заедничка цел ни е опстанок и развој на државата во која ќе владеат апсолутно сите граѓански права и слободи, сопственичкиот и политичкиот плурализам, држава во која ќе има јасна дистинкција помеѓу трите столба на државата: извршната, законодавната и судската власт.

Потребата за поделбата по ова прашање произлегува од искреноста односно неискреноста која произведува недоверба кај сите граѓани во Македонија. Доколку не станеме искрени едни кон други, Македонецот секогаш ќе има резерви кон Албанецот кога ќе става нешто на маса и обратно. Секогаш во воздух ќе лебдат прашањата: „Дали има искрени и чесни намери? Дали има реална потреба од тоа, дали е само потчинување на сограѓаните или можеби има некои задни намери за во иднина?“. Искреноста ќе проникне кога Македонците нема да имаат сомнеж дали поднесувањето на некои закони во иднина ќе го доведат во прашање опстанокот на државата и кога Албанците нема да имаат сомнеж дали некои закони имаат за цел нивно деградирање во било која сфера, кога ќе сфатат дека имаат подеднакви права и обврски. Искреноста ќе проникне кога ќе се поделиме по прашањето „Дали ти сакаш оваа држава да опстои или не?“