Слика прва: Влегува Рама, сам. Слика втора: Влегува Вучиќ, сам. Слика трета: Влегува Заев, со Ковачевски под мишка… Три слики, четири милиони зборови. Северна бурлеска. И така, носен ко привезок ил стара мома за мажење на бендис, Ковачевски во Тирана имаше голема, невидена чест. Пустиот Таче ја исполни својата голема желба. Го виде Сорос. Неверојатно, нели. И л’цна како кога Пинки го виде Тито. Незаборав. И така, благодарение на истото тоа црпнато човече кому му должи и преЦедничка функција/фикција, башка премиерлук кој му следува, Димче ја доживеа својата нирвана. Скоро комплетна северџанска иницијација. А последната точка е кога ќе го види и највистинскиот, 91-годишен Сорос, не син му Аце. Да, Џорџ. Поточно Георге Шорош, како што гласи унгарското му име во оригинал, кое во превод е Црниот (Шорош) Ѓорги (Георги). Случајно, се погодило пустото…
И така, се нижат афирмативните придобивки на харвардскиот курсаџија, кој немаше никаков проблем кога армијата сдссовски медиуми со недели го претставуваше како чоече кое завршило токму таму – на Харвард. Арно ама, кога критичките медиуми го подбраа дека лаже, се налути и остро ги искара. Не бил, призна, саде курс терал. Уште поарно, ама, курсистот тоа така случајно го призна дури откако го избраа за наследник на Заев. Ај и тоа, ама му се поклони?!?!
Една работа се’ уште не ни е јасна, ама никако. Кој на светот би сакал и да го споредат со Зоран, не па да му се поклони? Живееме во заблуда дека во нормалниот свет и кај, барем, троа умните луѓе, споредбата со ЗЗ е јасна и јавна навреда, нели?
Да, според нашите поимања на нештата, тоа е рамно на клевета и подлежи на судски процес во кој навредениот и окаљаниот ќе бара голема, милионска отштета, море затвор за направената неправда кон личноста, интелигенцијата и интегритетот, поради непреболот и нанесената крајна деградација, девалвација и брука. Арно ама, ние пак да сме ти живееле во некој паралелен универзум, антисеверџански одделен свет во кој е најголем срам да бидеш човек кој го продал името на својата татковина, во кој е ултра резил да си оној кој заради интереси на„комшијата“ го сменил светиот Устав на државата, шапшал кој на своите сонародници им донел неаргументирана двојазичност, суртук кој цела чета свои браќа отерал на робија за да служат како закана за наметнатото име, зевзек кој нон-стоп непотребно и „ничим изазваним“ ја вергла срамната придавка, копук чие другарче и мото-совозач умрело над 7.000 сонародници со корона, дилајла која енергетски и економски ја умрела сопствената држава, северџан кој има само еден и единствен момент кога се срами и му е срам саде и единствено да каже: МАКЕДОНИЈА! А, на сите останати тоа им е ќеф, уживање и гордост. На Македонците де, северџаните се „башка“…
И сега, ние, демек, треба да бидеме среќни што тој истиот црпнат лик со роља во 12 броја поголеми кондури ќе си одел од влада и ќе си терал марихуана бизнис, оти така решил, и што, демек, си заминал и од антимакедонската му партија, башка на двете позиции ачик местејќи свој клон и пион кој насекаде го шетка со себе ко привезок, небаре е Мис Муртино? И ние ќе треба да бидеме среќни што злотворот заминал? И толку? Треба ли и „журка“ да направиме? А, треба со или без ковид-сертификати? Абе, ајт таму…
Јест да, барем досега, навистина сме „златни“ кон антимакедонците, ама немаме меморија на златна рипка. Дури и таа помни повеќе од три секунди, докажано. А вам, е вам ќе ви требаат уште минимум три децении и мнооогу работа и каење за да си ги оправите гревовите кон Македонија и Македонците. Море, малку е. Оти, кога ќе кажеш – ја исчистив собата, не значи дека само си направил тесна патека од вратата до креветот…