Сите знаевме дека е само прашање на време кога во СДСССС ќе почнат да ги сечат фотографиите каде што се сликани заедно со Заев, но ни на крај памет не ни паѓаше дека неговиот престолонаследник Таче на ова фотошоп поле толку брзо ќе го надмине, претрка и победи создателот. Којзнае какво е чувството да загубиш од својот клон? А, претходно, загуби и тон ипол марихуана, фатена од МВР во Струмица. Овојпат, победи Спасовски. Таксират. Или беше тик-так, тик-так…
Отпишани од Македонците и избришани од Бугарите, кога оди – оди, нели. А, веројатно, чувството дека ве победил оној што на сила сте го создале и не е така убаво, но за тоа треба да го прашате Црвенковски. Или најдобро, д-р Франкенштајн. Како и да е, веста дека „играл“ фотошопот и оти Кирил Петков го исекол својот колега Ковачевски од фотографија, силно и смешно одекна во Македонија. Кај нас со вицеви и подбив, во Бугарија со силно одобрување и фалби за сечењето. Оти, не сме с’шти народ, нели…
Арно ама, с’штиот и избришан Таче стана победник, еден и единствен. Во стилот на омилениот му Чигаљ Макс, „сад га видиш, сад га не видиш“. Илузионистот Ќуран со брзина на светлината го претрка својот создател, го згрбави со саде еден месец мандат, акт кој му дава целосно право да стане комуњар/северџан прима. Посведочивме уште еден наследник подобар од својот претходник, кога ученикот е „бољи“ од учителот. Кој знае како му е на сиромавиот ЗЗ, црпнато чедо кое ладејќи се на некоја монденска плажа се грбави од смеење што нови маки и глупоштии и’ создал на Македонија и Македонците. Абе, цепки. Муртински непребол…
Бурлеската е повеќе од едноставна: Киро Петков прво го намести и „пиша“ Ковачевски за Брисел да му биде „гарант“ за влез на Бугари во македонски Устав, па го избриша. Превентивна софијска фора. Знае и Киро дека Таче отпишаниот и избришаниот нема да опстои долго, па сега кога ЕУ ќе им гарантира, ни опозиција која е следна власт не ќе може да се буни. Оти, некои други „македонски“ власти потпишале и се согласиле, ви текнува. Макар била и влада без легитимитет, избрана не од народ, туку од Заев. И Бугаринот сит и сите северџански овци на број. За Македонците, и онака никому не му е гајле…
Дури и Зоче знаеше, колку и да е ајван, дека е само прашање на време кога сите оние кои се јатеа и лепеа на него, кај и да е ќе почнат да ги сечат фотографиите на кои се сликани заедно. Алаш-вериш подводаџијата добро си знае дека не е добро за „бизнисот“ и кариерата да имаш штетник на слика. А чедата лукративни сјатени околу него само тоа и ги инересира. Штетата. По џебот. Оние нормалните жители на оваа земја никогаш и не посакале да имаат слика со ЗЗ. Скраја да е. Освен, можеби, во некој кошмар, во улицата на брестовите/марихуаната ли…
И додека Таче Избришаниот заштитен со цела армија пропагандистички пи-ар бапчорки не покажуваше емоции, а во себе силно завиваше, лелекаше и офкаше за тоа што Киро Бугарин го исекол од фотката, сепак, срценцето му се полнеше со фактот дека му требаше само еден/беден месец за да му го сторат она што дури ни на неговиот идол Заев не му го сториле. А тој црпнатиот од нива, скоро 5 години дивееше и владееше со Македонија. На Зоче му ставаа палети за да го „пораснат“, но Таче брзиот успеа за само еден месец да го стори она што Зоран не можеше за цели 5 години да го оствари. Успех, невиден…
Damnatio memoriae или осуда на меморијата, исклучување на споменот за некого, најчесто владетел или извикан функционер, е стара римска финта, чин при кој ги бришеле од списите и дури и ги кршеле/обезличувале статуите на оние кои биле оценети како неподобни за Империјата. Петков, пак, вчера му направи едно сефте Damnatio memoriae на Ковачевски…
И не, тој Таче, исто ко и Заев, нема да сфати дека колегата се срамел што тој е со него на сликата со Амерот и му ја минимизирал средбата, па едноставно го избришал, исекол ли, го снемало. И Избришаниот очигледно нема срам за да знае какво е тоа чувство. Непознаница. Тоа е првиот услов да влезете во бандата, недостигот на истото.
Само, ако Таче Избришаниот за еден месец можеше да прифати „кратко“, небулозно име во ООН, да пише писмо уште втор ден од „владеење“, да даде „гарант“ за немање некакви сулуди аспирации кон бугарска територија, да прифати непостоечки Бугари во Устав и да тресне уште 500 други уназадувања, замислете што истиот тој „премиер“ би можел да стори за 5 години или 60 месеци, 1825 дена, време на идолот и создателот му Заев?
Наравоучение. Макар отпишани кај Македонците и избришани кај Бугарите, не потценувајте ги марионетите кои друга марионета ги наместила во политичкиот театар, оти кукларот има поинакви, големи планови за нив…