среда, 15. ноември 2023. Вести денес: 0
home Колумни

Северна ги повика сите граѓани да ја напуштат Македонија

Северна ги повика сите граѓани да ја напуштат Македонија

Светот силно се потресе кога македонското МНР ги повика сите свои граѓани да ја напуштат Украина. Непребол. Онаа, старата добра приказна за жабата и коњот. Или новата неолиберална фантазмагорија – кога протекторат повикува на напуштање друг протекторат…

Истото претходно го стори и нашиот сојузник Бугарија, кој пред НАТО беше сојузник во Варшавскиот пакт, а пред тоа во Силите на оската, против Сојузниците. Не толку одамна. Сојузникот кој толку парадоксално му наложи на другиот сојузник и 134-та земја во светот според воена моќ, во ООН да се откаже од аспирациите кон нејзината територија?! Онаа иста територија која ја окупираа и анексираа по балканските војни. И Бугарите је мразеле историјата. Јок, ја мразат македонската историја. Ја мразат вистината. Исто ко и Грците, да не се лажеме.

Ова се голи историски факти поради кои во 22-та година од 21-от век Македонија го трпи она што ниедна држава во светот не би го трпела. И не, не е до соседите, туку до монтираната владејачка северџанска направија, натурена исто како и Преспанскиот и Договорот за НЕдобрососедство. Грците, барем, беа фер, не ставија глупости како ДОБРОСОСЕДСТВО во него…

И така, Северна веќе ПЕТ години секојдневно ги повикува сите свои освестени граѓани, особено Македонците, да потклекнат и да ја напуштат Македонија. Не само преку своите суртучки телали од Власта и армијата провладини упикувачки медиуми, она на „С“ го користи сите можни средства и начини за да ги натера сите свои граѓани да го сторат тоа, да ја напуштат оваа „територија“, да ги снема, да исчезнат по светските метрополи. Ако можат, пожелно е и да излезат од кожата на Македонецот.

Најсуптилниот пристап на северните штетници е создавањето аверзија кон сопствениот род, припадност која тие така неуспешно ја глумат, со уништувањето на онаа трунка достоинство што останало во државата која ја ничкосаа, пљачкосаа и заробија. Расчеречување на македонската чест, гордост и достоинство. До последен атом. Знаат пустите, дека тоа најмногу боли, кога гледаш како „твоите“ коленичат, клечат, целиваат туѓи стопала, кукаат, корнат коси, продаваат историја, светци, револуционери и ги покажуваат јавно сите варијации на една безрбетност. 50 нијанси од неа.

Лукративните ајвани тоа го прават на повеќе полиња, за не дај Боже, да не остават на случајот и некој Македонец да не ја сфати пораката. Па не’ урнисуваат и разоруваат на национално поле, историско, на економско, на здравствено, безбедносно, образовно, на културно. Да не остане ни случајна трошка надеж за подобра иднина и опстанок на македонштината на овие простори. Логиката им е едноставна, ако се чувствуваш дека си обесчестен и 5-то „разреден“ граѓанин во сопствената држава, чуму да не заминеш во друга каде барем системот функционира и властите нема да те срамат?

И додека послушните дилајли со полна пареа наголемо одработуваат во бркањето на Македонците од сопствената земја за конечно затворање на „непостоечкото“  македонско прашање, Бугарите и натаму „во петта“ штанцаат нова, лажна историја и шират омраза меѓу двете нации, Грците глумат стари демократи, а Европа заборава на вредностите кои ги декларира и истопорува само кога и’ одговара, едно столчено интровертно племе врие во себе, катадневно среде најголемите црнила го гали и зачистува „кубурот за црни денови“ и се крсти во фактот дека биле ПИРЕЈ, па никој не можел да го уништи. Од време навреме и ќе кажат и направат нешто. На Фејсбук…

Саган вели дека истребувањето е правило, а преживувањето исклучок. А за да бидеш исклучок, мораш и да сториш нешто околу тоа. Не, не на Фејсбук…