вторник, 7. ноември 2023. Вести денес: 0
home Колумни

Украинска и пописна магла за продажба на Гоце, Јане и Самоил

Украинска и пописна магла за продажба на Гоце, Јане и Самоил

Сом. Риба која живее на дното, во тињата. Се прехранува напаѓајќи ги помалите риби од матната вода каде што е незабележителен и скриен, најчесто ноќе. За свое место на живеење го избира мекото, мрачно дно и се врзува за него, така што многу ретко го напушта на подолг период…

Северџан. Политикант кој живее и егзистира во матно, каде е како риба (сом) во вода. Поради успех (читај тендери) се преправа и камуфлира во Македонец. Напаѓа и дење и ноќе, а агресивноста, ароганцијата и самобендисаноста му се главни одлики. И тој како сомот, за свое место на живеење го избира мекото и мрачно, но етичко дно кое парадоксално го смета за општествен врв и се врзува за него и исто така многу ретко го напушта на подолг период, освен како амбасадор. Специјализиран и акомодиран е за ултра-успех во ситуации со медиумска и пропагандистичка магла и дигресија, моменти во кои плански го користи дефокусот на јавноста за да ги изведе диверзантските акции врз македонските идентитетски  светии. И така 30 години…

Сомот може да го уловите. Неолибералниот северџан само и единствено кога премногу, без исав ќе претера и ќе заглави со лепливите рачиња. Ко Рашко, Димова, Јанева, Дончев, Заев и др. Во 50% од случаите се спасува и бива аболиран, во останатите 50% лежи домашен притвор, па дури и измислен домашен затвор. Поголемиот дел од времето, северниот политикант, за разлика од сомот, е заштитен вид. Го гледате како краде и ја уништува државата и  нацијата, ама не можете ништо да сторите поради бариерата создадена од „чадорот“.  Имунитетот на правда го стекнува со одработување туѓи интереси и агенди. Сомот, пак, нема таква среќа…

Македонија во моментов е во ситуација кога постои реална опасност политикантските сомови да ја искористат украинската и пописна матнотија и магла, за да потпомогнати и дозатскриени од економското фијаско, камуфлирани од дефокусот да продолжат со продажбата на македонските светци, револуционери и историја. Период во кој кога јавноста е фокусирана на безобразните пописни резултати и на војната во Украина, а власта во матното ќе се договори со Бугарите за историјата која ќе им ја „отвори“ вратата на забеганата неолиберална иднината. Замислете, Самоил, Јане и Гоце да му ја отворат вратата на Димитар, Артан и Бујар. И така, ослободувајќи се демек од тешкото бреме на минатото, ќе зајаваат северџански кон иднината и ќе добијат доказ дека нешто сработиле. Доказот наречен датум, колку и да е ступиден и евтин како таков, но е врв на светот за Ковачевски, луцидниот престолонаследник на Заев. И така, Таче ќе ја доврши задачата на Зоче, дораспродавајќи се’ што ни е мило и драго. Знаете, тазе оптимистички настроениот претседател на Комисијата за историја со Бугарија, Драги Ѓоргиев, вчера стана редовен член на МАНУ со загарантирана плата од 90-на илјади денари до крајот на животот. Случајност? Нема шанси…

Горкото народно искуството од минатите 5 години вели дека македонските политички сомови едвај чекаат да се активираат и мрачно да заблескаат во матните ситуации кои го навасуваат македонското општество, а само од нас зависело дали ќе им ги скратиме брковите и мисијата на обезличување на историјата и нацијата.

Еве прекрасна шанса – почнуваат протести на синдикатите, кои социјални или не, лесно можат да прераснат и во македонска пролет. Одлична шанса за почеток на крајот на оваа долга и  мачна антимакедонска шарада и голгота.

П.С. Сомови, длабоко извинете за грдата споредба со северните национално-политичко-економско-дипломатски дунстери…