понеделник, 20. ноември 2023. Вести денес: 0
home Колумни

Упс! Црпко се издаде…

Упс! Црпко се издаде…

Ако некој ајван во Македонија, воопшто и се прашуваше кој е вистинскиот премиер, сива еминенција и лидер на северџанската банда, тоа веќе не е дневен ред. Експресно е демантирано. А, кој друг ако не лидерот во сенка Заев ги сруши сите дилеми и ги урна илузииите за некаков си интегритет и независност на престолонаследникот Ковачевски? Да, пустиот Црпко не издржа, муртинското во него победи. Како и секогаш…

Засмислете само, форум во Анталија, на кој се присутни светски државници, а таму наместо марионетата Таче го гледате лидерот Зоче?! Арно ама, не сам, туку со мото-сопатникот Филипче, верниот му совозач во сите забегани северџански и антимакедонски авантури. Чек. чек, па нели и тој пак доктор ќе биваше и животи ќе спасуваше? Или земал одмор од спасувањето, саде и само во друштво на идолот непрокопсан да биде? Батали животи, кога можеш до Црпко да се сликаш…

Ок, ќе речете – де, де, голема работа, па го поканиле Ердоган и компанија дури бил премиер, нема тука мистерии! Ашколсум, така е, ама ако имаше трунка доблест во Муртинхаузен, ќе ја откажаше поканата и ќе му ја дадеше на престолонаследникот и избраник Димитар. Кутар тој Димитар. Има и рима, но за жал нема доблест кај создателот му Зоран. Никогаш и немало.

Туку, не дека ни фалеше тоа Заевото фацуле кога е со некој од меЏународна, секогаш недоветно насмејан и озарен од уво до уво, туку еден момент силно штрчеше во пародијата. Онаа, средбата на Црпко со Бугаринот Кирил Петков, довчерашниот му колега. Тет-а-тет. Фацуле во фацуле. Непребол…

Е, тука, Црпко се издаде, онака ко што знае само тој, алаш-вериш и најмуртински. Мораше пустиот довчерашен шверцер на струмички црвен пипер со скапани чушки во средината да покаже кој е кој, да даде јасно гласно на „знање“ дека се’ уште е главен, дека е силен манга и политички фактор, да си даде на важност. „Алооо, ме забораивте! Тука сум и дрмам, ама јако!!!“ – свика панично од Анталија Заев, не дај Боже веќе да не е дел од кошмарот на Македонецот.

Оти, пустиот медиумохолик минативе 9 години просто живееше и дишеше за и од славата која му ја даваа комуњарските и меЏународните му медиуми, „помпата“ која се дигаше околу него, фанфарите северџански кои го следеа до пеколот и назад, она, кога ја продаваше Македонија. Е, сега, фали чувството, недостига пустото, непребол муртински…

И што мајка бараше струмичкиот канабис тајкун со тазе синова „ваврика“ за струја со првиот човек на бугарската влада? Дали му кажуваше за своите импресии и очекувања од украинската криза? Јок, ги нема, затоа што не ја ни разбира… Со Киро збореа за „импакто“ на светската криза врз домашните економии? Јок, ни тоа не го конта бизнисменот црпнат од нива, ама ич. Му раскажувал ли реминисценции за црвените му очи од слушање „бомби“? Не, дури и тоа го заборавил политичарот со меморија на златна рипка…

Јасно е. Целта е постигната. На Таче и на неверните северџани, Црпко јасно им покажа кој е кој. Мерење. Поачик, здравје. „Бивши“ не муљаат со бивши колеги. Ок, освен ако не се прељубници де. А во политиката не е така. Таму се’  било за пари, за љубов и задоволство јок. Затоа, за да некој не помисли спротивно, ЗЗ мораше јасно да предочи кој се’ уште пали и гаси светло во Северџанистан и јавно да „нацрта“ дека Таче е само чувар на тронот. А на Бугарија и Петков, морал да им се правда за учинокот на чуварот , сигурно. Таму гарант на скришната средба цел во солзи ги убедувал дека неговиот избраник, ученик и престолонаследник ќе „учини“ се’ што му рекол и за што го поставил. Кај и да е, прашање на време и момент. Башка, разбира се – корнел коси, цимолел, врескал, паѓал во транс, лелекал, целивал нозе, ху-баба-ху изведувал, ветувал, молел, раце бацувал, дубел на трепавици… И така цел ден, толку нормално за него. Лоша навика од „владеењето“ стекната…

И да, ова не е нова, патетична прикаска со убав крај во која ученикот ќе стане подобар од учителот, а Таче од Зоче. Не, никако. Ова е грда приказна во која ученикот ја дораспродава Македонија. А крајот, тој и од нас да ти зависел…