сабота, 25. ноември 2023. Вести денес: 0
home Храна и пијалаци

Интересен рецепт за празниците: Печени сарми во павлака

Интересен рецепт за празниците: Печени сарми во павлака

Малку поинаква подготовка на сарма од кисела зелка.

Потребно е:
1,5 кг мелено месо
250 гр чадена сланина
200 гр ориз
2 главици кромид
20-30 листови кисела зелка
1,5 кг кисела зелка сецкана на ленти
1,5 л павлака за готвење
1,5 лажиче сол
1 лажиче бибер
2 лажичиња мелена црвена пиперка
100 гр свинска маст

Подготовка:
– Оризот убаво измијте го и сварете го но не сосема во повеќе вода. Исцедете го, измијте го со ладна  вода и оставете убаво да се исцеди.

– На маст испржете го дитно сецканиот кромид.

– Месото измешајте го со исцедениот ориз, додадете ги испржениот кромид, сол, бибер и мелена црвена пиперка. Убаво измешајте за да се соединат сите состојки.

– На секој лист од зелка ставете од смесата со месо и замотајте го листот како сарма.

– Сланината исечете ја на тенки ленти и наредете ги на дното на подлабока тава за печење со капак.

– На сланината распоредете половина од сецканата зелка, а над наредете ги сармите. Одозгора полијте со околу 600 мл павлака за готвење.

– Сега повторно ставете еден ред сецкана зелка и посипете со преостанатата павлака.

– Поклопете ја тавата со капак и ставете ја во ладна рерна. Вклучете ја рерната на 220 целзиусови степени. Сармата печете ја околу 3 часа, од кои последниот половина час печете ја непокриена за да се запечат. (МИА)