Васина торта е една од поубавите торти, па ја нарекуваат кралица на тортите. Според народните прераскажувања, Васина торта настанала на почетокот на 20.век во Парачин, Србија, а ја направила една домаќинка во знак на благодарност кон својот зет, кој се викал Васа.
Причина за оваа благодарност е тоа што Васа ја спасил нејзината ќерка Јелена која била бремена.
Поради нејзината слабост и проблеми со поднесувањето на бременоста, докторите го предупредиле нејзиното семејство дека постои ризик девојката да не го преживее пораѓањето.
Меѓутоа, Васа не сакал да размислува за тоа и затоа ги зел сите пари кои ги имал и со жената заминал во Виена каде го пронашол најпознатиот гинеколог кој целосно безбедно го извршил пораѓањето.
Затоа нејзината мајка откако се вратил брачниот пар, во знак на благодарност на својот зет му приготвила специјална торта, чие име го носи до ден денешен – Васина торта.
Ова се потребните состојки за Васина торта:
КОРА
5 јајца
60 грама шеќер
1 супена лажица меко брашно
50 грама мелени ореви
ФИЛ
4 жолчки
60 грама шеќер
125 милилитри млеко
125 грама шеќер
200 грама мелени ореви
200 грама путер
1 портокал
ШАМ
4 белки
250 грама шеќер
180 милилитри вода
ПОДГОТОВКА НА КОРА
Разделете ги жолчките од белките. Изрендајте ситно кора од портокал и исцедете го сокот. Белките изматете ги во цврст снег со постојано матење, додавајте шеќер и матете додека да се растопи. Додадете брашно, ореви и жолчки и се со лажица лесно промешајте. Смесата печете ја во тркалезен калап во рерна на 200 степени околу 25 минути.
ПОДГОТОВКА НА ФИЛ
Оревите за фил потопете ги во млеко со 125 грама шеќер и ставете на оган да провријат. Жолчките и 60 грама шеќер измиксајте ги на пареа и изладете. Изматете го путерот, додадете ги попарените ореви, крем од жолчки, кора и сок од портокал. Добро соединете ги сите состојки.
ПОДГОТОВКА НА ШАМ
Провријте вода со шеќер додека смесата да стане густа како мед. Изматете ги белките во цврст снег и со постојано матење додавајте го сирупот од шеќер.
Кората премачкајте ја со фил и украсете со шам од белки.