Откако уживате во мрсна храна на славите, време е да ја редуцирате исхраната и да вклучите во менито една намирница која брзо ги топи калориите. Веројатно на списоците со вакви намирници често налетувате на авокадото кое нутриционистите многу го фалат, а вие освен што го гледате во понуда во супермаркетите, не знаете ни дали е овошје или зеленчук, ниту каков вкус има или како да го јадете.
Авокадото е овошје со потекло од Јужна Америка и во тие региони е познато и како „крокодилска круша“, бидејќи кожата му е груба и наликува на крокодилска кожа. Во моментов, најмногу се одгледува во Мексико и западниот дел на Америка. Тоа е многу здрава намирница богата со витамини А, Б, Е и Ц, а има и многу висококвалитетни влакна, како и железо и калиум. Влакната од авокадо обезбедуваат чувство на ситост, ја врзуваат водата и на тој начин го намалуваат ризикот од прејадување, поради што е добро за децата.
Каде да го купите
Во поголемите продавници можете да го купите преку целата година. За да проверите дали е доволно зрело, треба малку да го стиснете и неговата внатрешност да биде мека како путер.
Како се лупи
Авокадото прво треба да се преполови со нож, потоа да се извади семката, да се исече на четвртинки и да се излупи кожата.
Како се јаде
Секогаш се јаде сирово, и тоа веднаш по отстранувањето на кожата бидејќи брзо потемнува. Често се користи како прилог, посолено и прелиено со сок од лимон или маслиново масло.
Салата. Може да се користи за салата во смеса со други состојки како што се: краставица, кромид, домат, пиперка, бибер, сок од лимон и сол.
Мезе. Најдете зрело авокадо, исечете го на два дела, извадете ја семката. Потоа, истурете малку сок од лимон во нејзината празнина, додадете зготвени ракчиња и прелијте со лимон. Врз тоа ставете малку павлака.
Сос. Сосот од авокадо се нарекува гуакамоле и се прави така што авокадото се гмечи со вилушка, а потоа се додава сок од лимон, малку лут пипер и ситно сечкан кромид и домат.
Додаток на оброкот. Пресечете го на половина, прелијте го со сок од лимон, бибер и сол и јадете го во сендвич.