Речиси сме на средина на месец март, повеќе од една година како короната „владее во Македонија“, го одредува патот по кој треба да се движиме.
Повеќе од една година државите се во страв за животите на своите граѓани и своите економии. Македонската економија во моментов е во класичен нокдаун. Не се знае дали ќе стане и ќе продолжи да функционира или ќе се предаде на можеби најтешката борба од самостојноста, па до денес.
Но, силните држави не се предаваат, се борат до последен атом, понекогаш ќе мора да донесат и тешки, но навремени одлуки за своите држави, одлуки кои на граѓаните може и нема да им се допаднат, но целта ги оправдува средствата, а нивната цел е победа над овој вирус.
На огромна жалост, Македонија во моментов не спаѓа во овие силни држави, власта ниту носи тешки, а најмалку навремени одлуки за што поскоро да излеземе од „затворот“ во кој тие не’ затворија.
Повторно полициски час, повторно удари по економијата… сето ова е поради нивната неспособност, неспособноста да донесат макар една вакцина на време. Додека Израел веќе вакцинираше над 95 проценти од своето население, Македонија не може да ги вакцинира оние кои се во првата линија во борбата против коронавирусот, лекарите.
Големите земји веќе масовно го вакцинираат населението, а оние на кои туризмот им е примарна гранка, веќе скрои план како за некој месец да почне со работа. Тие ќе почнат со работа, а нашите власти со уличарски изјави дека правеле муабети со разузнавачи на МИ 6 за вакцини. Агент на британската тајна служба бил во постојана комуникација со Зоран Заев, да не беше трагично, ќе беше комично.
Се сеќаваме на пранкерите кои му го сместија на Заев, па оттука се поставува прашањето, со кој „Џејмс Бонд“, Зоран Заев комуницирал за вакцините? Бидејќи вакцини НЕМА!
Од она малку познато за нас, комуникација со разузнавачка служба, со било која, па и од рангот на МИ 6, која важи за една од најподготвените и способните во светот, не се прави на пазарџиски начин, а уште помалку ќе му биде дозволено на Зоран Заев истото да го открие во интервју на телевизија, класичен башибозук, неспособноста на дело.
Тоа ти е исто како да излезе Бенџамин Нетанјаху и да каже дека пратил во седиштето на Фајзер агенти на „МОСАД“ да им се заканат, па мораа да ни дадат толку многу вакцини. Класичен аматеризам на Заев.
Вакви уличарски муабети се потценување на интелигенцијата на народот, можеби во 90-те ова ќе запалеше, ама сега со толку многу средства за информирање треба да си до толку наивен за да го потцениш сопствениот народ.
Вакцини нема, а не се знае кога ќе стигнат, додека светот прогласува победа, власта во Македонија прогласува полициски час, го затвора народот, ја уништува економијата, долгот расте, народот се плаши, а луѓе умираат.