Здружението на лекари специјализанти преку отворено писмо му се обраќа на премиерот Зоран Заев, бидејќи како што велат, вистината не смее да се премолчува.
-Здружението на лекари специјализанти ЗЛС сака да потенцира дека во време на кризни моменти за македонското здравство и општеството воопшто, кога се соочуваме со скоро исполнети болнички кревети и исцрпен кадар, секој специјализант посакува да му се овозможат хумани услови за да може да се приклучи на борбата и со тоа придонесе кон унапредување на здравствената состојба на пациентите. А од друга страна да спречи колапс на здравствениот систем, што е особено значајно во овој момент. Уште еднаш апелираме до Вас и пошироката јавност дека е спротивно на основните човечки приципи да се побарува специјализант без здравствено осигурување да работи во Ковид центар, се наведува во отвореното писмо.
Лекарите специјализанти посочуваат дека правото на живот и здравје е загарантирано со конвенција за човекови права, а приватните специјализанти не треба да бидат исклучок од тоа.
-Сечиј труд треба да биде признаен преку негова адекватна валоризација. Во име на тоа мора да има платени дежурства за секој специјализант до крајот на специјализацијата. До кога Државата и Министерството ќе дозволуваат и толерираат специјализантот да биде поставен на маргините на здравствениот систем? До кога ќе биде потребно јавно да апелираме за стекнување на основните права и услови кои ни следуваат? Не претставувајте не пред општеството како да бараме премногу. Запомнетe, ние го бараме само основното, порачуваат од ЗЛС.
Тие нагласуваат дека приватните специјализанти, потребно е да лечат пациенти во јавно здравствените установи, но доколку тие самите станат потенцијални пациенти, тогаш за нив јавното здравство не постои.
– ЗЛС уште од мминатата година изработи неколку симулации на буџет за дежурства кој ги опфаќа сите државни и приватни специјализати и истиот на месечно ниво изнесува нешто помалку од 25 илјади евра, сума која не би го оптоварила ФЗОМ. Не помалку важно во оваа ситуација е и непостоењето на јасни критериуми кои ќе ги регулираат категориите на лекари специјалзанти кои од оправдани причини би биле изземени од работа во Ковид-19 центрите, како што е тоа случај со специјалистите. Во тој контекст, мора да се дефинираат јасни насоки за тоа кои категории на лекари се иземени од работа во Ковид-19 центрите и истите би биле ангажирани во зелените зони. Овозможете ни да им помогнеме на нашите пациенти и истоштениот систем, рамо до рамо со останатите колеги. Се надеваме дека од Вас, г-дин Зоран Заев ќе наидеме на слух и разбирање и заеднички ќе ги решиме овие горливи проблеми еднаш засекогаш, посочуваат тие во отвореното писмо.