Партијата на Зоран Заев, во свој стил, продолжува да поставува ултиматуми, рокови, датуми по своја мерка. СДСМ сега излезе со нов ултиматум: Ако нема избори во јуни, се враќа политичката влада, редовни избори во декември.
Раководството на СДСМ, според извори од партискиот врв, останува на ставот дека парламентарните избори треба да се одржат до крајот на јуни независно од продолжувањето на вонредната состојба која ќе трае во наредните две недели или до 30 мај.
Ако нема договор меѓу партиите за избори до крајот на следниот месец, тогаш во СДСМ сметаат дека изборите треба да се одржат во редовниот термин и тоа во последните можни рокови – односно на 29-ти ноември или на 6-ти декември, со тоа што во меѓувреме би се вратила и политичката Влада.
Нападното барање на СДСМ изборите по секоја цена да се случај следниот месец, разлути најголем дел од македонските граѓани. Тие уште се загрижени за своето здравје, битката со епидемијата од коронавирус остави многу последици, како здравствени, така и економски. Државата брои заразени и жртви, граѓаните ги бројат последните денари и се борат за егзистенција, а на Заев и на СДСМ им се бројат гласови.
Сега, по убедувањата дека изборите мора да се случат брзо, од Бихаќка ја сменија плочата. Велат ако нема избори брзо, ќе гласаме дури во декември на редовни избори. СДСМ изгледа заборави дека токму нивни претставници најавија дека во доцна есен ќе се случи втор бран на пандемијата од коронавирус.
Нивните идеи се несериозни и СДСМ лицитирајќи со датуми остава јасен сомнеж дека здравјето на граѓаните не е во нивни интерес. Ако брзаат со избори сега, додека секојдневно расте бројот на заразени и починати, ги туркаат граѓанните во директен ризик за нивното здравје. Иста ќе биде и ситуацијата во декември, во бранот новозаразени и нови жртви од коронавирусот.
Во двете идеи на СДСМ единствената нивна цел е да се дограбат до власт во која ќе бидат сами бидејќи министрите и замениците министри од ВМРО-ДПМНЕ во техничката влада им ги обелоденуваат скандалите.
Така, целта на СДСМ е во една ваква вонредна состојба е да го искористи стравот на граѓаните кои во најголема мера нема да излезат на избори. Но, за партијата на Зоран Заев е најважно да ги сокрие скандалите, најскапата трева на светот, тендерите, непотизмот, аферите….
Затоа се втурнаа во игра, па си лицитираат со датуми за избори, лицитирајќи со здравјето на граѓаните.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, во емисијата Топ Тема на Телма телевизија истакна дека ВМРО-ДПМНЕ е спремно за избори и кога и тие да се случат ќе го победи на тие избори, но цената за тоа не смее да бидат изгубени човечки животи.
-Знам дека нашиот политички противник наметнува антикампања дека ВМРО-ДПМНЕ бегал од избори, но мојот одговор на тоа прашање може да кажам дека кога и да се случат тие избори ВМРО-ДПМНЕ ќе го победи СДСМ. Но, повторно ќе кажам, ако цената за тоа е да имаме еден повеќе загубен живот, јас не би сакал да бидам дел од таквото сценарио, потенцираше Мицкоски
Тој додаде дека тоа некрофилско сценарио го остава на други политичари кои се длабоко потонати во политичкото мочуриште и бараат сламка за спас.
-И еден ако е, јас не би можел да живеам со сето тоа, бидејќи јас не се чувствувам ако човек потонат во политичко мочуриште и ми треба сламка за спас. Се чувствувам дека сум слободен, човек кој цврсто гази на нозе и не му треба помислата дека еден човек повеќе починал затоа што ние сме избразле во одлука кога ќе се случат изборите, изјави Мицкоски.
Тој нагласи дека тие како политичари мора сериозно да се однесуваат и пред се одговорно кон здравјето на граѓаните, а дури потоа да размислуваат како и дали би ги одржале тие избори.