Потешко од очекувањата Јувентус синоќа славеше на гостувањето кај Парма со 1:2, а најзаслужен за победата беше популарниот Супер Марио Манџукиќ, кој учествуваше во двата гола на торинскиот великан.
Мрежата на домаќините тој на начна уште во втората минута. Одлично прифати топка која од десната страна му ја центрираше Квадрадо, а потоа ја провлече низ нозете на голманот на Парма за рано водство на својот тим. За вториот гол во 58-та минута одлично со пета му асистираше на Матуиди, кој ги постави конечните 1:2.
-Момците одиграа многу добро. Парма секогаш е тежок противник, во последните пет натпревари на гости успеавме да славиме само еднаш. Нивната примарна цел оваа сезона е да изборат опстанок во лигата. Многу се добро организирани и опасни од контра напади, но како натпреварот минуваше така и тие паѓаа со силата. Ја заслуживме оваа победа, но имаме уште многу работа, започна тренерот на Јувентус, Масимилијано Алегри по крајот на мечот.
Јувентус ова лето во своите редови го доведе големиот Кристијано Роналдо, кој сепак се уште се бара во Серија А, а покрај ваков Манџукиќ ќе има пеколно тешка задача да дојде до израз.
-Различни се предизвиците со кои напаѓач мора да се носи во Серија, но би рекол дека денеска одигра добро. Задоволен сум со неговата работа, а репрезентативната пауза на сите ќе им дојде добро, застана Алегри во одбрана на Роналдо, кој се уште го чека својот официјален првенец гол во дресот на Јувентус.
А запрашан за Манџукиќ, немаше потреба да го оправдува. Хрватскиот напаѓач го воодушевил.
-Манџукиќ секогаш се дава целосно за тимот, но дури ниту јас не можев да замислам дека ќе биде во ваква одлична форма по Светското првенство.
Во првиот натпревар од домашното првенство тој влезе од клупата во второто полувреме, а другите два играше од првата минута и беше брилијантен. Во три настапи тој има два гола и една асистенција.