Менаџерот на Њукасл Јунајтед, Рафаел Бенитез верува дека може да постигне „чудо“ втора кампања поред во англиската фудбалска Премиер лига, на крајот на која „црно-белите“ повторно ќе успеат да се спасат од испаѓање.
– Треба да бидеме реални и да сме свесни дека ќе бидеме во долната половина на табелата во текот на сезоната. Ако на крајот успееме да завршиме пред три екипи, тоа ќе биде уште едно чудо, прокоментира Бенитез пред гостувањето во среда кај својот поранешен тим и лидер во шампионатот – Ливерпул.
Њукасл ја започна сезоната тешко, откако не успеа да победи ниту еднаш во првите десет натпревари, но постепено напредуваше и се искачи до 15-тото место на 5 поени над опасната зона.
Бенитез, кој во кариерата има работено уште за гиганти како Реал Мадрид, Челзи, Интер и Наполи, верува дека Њукасл доживува тешкотии, бидејќи не инвестира доволно во класа играчи.
– Минатата сезона беше едно чудо. Луѓето си велеа: „О, вие завршивте десетти“, но само со неколку победи помалку можеше да бидеме во последната петорка и да се бориме до последно за опстанок. Значи тоа беше вистинско чудо, рече Шпанецот.
Тој додаде дека тимот се обидува да покаже фобри перформанси, но понекогаш тоа не е доволно и раководството треба да биде реално во однос на тоа каде се наоѓа клубот.
– Се обидувам да ги убедам сите дека треба да бидеме јасни за тоа каде сме и какви се нашите можности. Да мислиме дека можеме да победуваме тимови кои потрошиле повеќе од 100 милиони фунти за селекција во текот на летото, нема шанси. Ова е 100% погрешно, додаде тој.