четврток, 30. ноември 2023. Вести денес: 0
home Фудбал

ФОТО: Во какви автобуси се возеле фудбалерите на Светското првенство во 1974-та?

ФОТО: Во какви автобуси се возеле фудбалерите на Светското првенство во 1974-та?

Вака пред речиси половина век репрезентациите оделе на натпревари.

Таа 1974-та година Светското првенство во фудбал од 13-ти јуни до 7-ми јули се одржувала во Западна Германија.

Дека тоа биле некои други времиња, покажуваат и автобусите во кои репрезентациите се возеле до стадионите.

На првенството тогаш учествувале 16 репрезентации, а секоја имала свој личен автобус.

Станувало збор за „Mercedes O 302“, автобуси кои од надвор биле обоени во боите на репрезентацијата со истакната маскота на првенството.

Автобусот на германската репрезентација добил и верна реплика која има посебно место во музејот на „Mercedes“.

Овој експонат сè уште е достапен за разгледување, а посетителите можат да видат што тогаш било поим за комфор. Возачот имал специјално удобно седиште со амортизација, можел да се лади, а друштво од десно му правел тогашниот селектор на Западна Германија, Хелмут Шен, а понекогаш и капитенот Франц Бекенбауер.

Аудиосистемот на „Blaupunkt“ имал вграден касетофон, а веројатно често се слушала тогашната химна „Fußball ist unser Leben“, која и денес се пушта кога посетителите го разгледуваат автобусот.

„Mercedes O 302“ се произведувал од 1965-та година, бил синоним за комфор и безбедност. Од 70-тите години се нудел и со клима-уред.

Го придвижувале шестцилиндрични дизел мотори од 126 до 240 коњски сили.

Инаку, Југославија своето учество на Светското во 1974-та година го завршила во вториот круг, каде во групата Б го заземала последното 4-то место зад Германија, Полска и Шведска, откако претрпела три порази.

Што се однесува до репрезентацијата на Западна Германија, таа во финалето со 2-1 ја победила Холандија, а победничкиот гол го постигнал Герд Милер.

Од внатре сите автобуси биле идентични, со климатизација и детали кои денеска се непосакувани во автобусите.

Така покрај седиштата имало пепелници, а во автобусите се точело и пиво.