Екипата на Барнли, за која настапува македонскиот фудбалски репрезентативец Дарко Чурлинов, се наоѓа во неочекуван проблем во самиот финиш на сезоната и тоа поради натпреварот кој минатата недела го одиграа против Рединг.
Имено, тој натпревар заврши без победник, исход кој повеќе му одговараше на Рединг во борбата за опстанок, но сепак, еден клуб забележа „нерегуларности“.
Од Хадерсфилд се пожалија на челниците на здружението дека Компани намерно се решил за комбиниран и многу послаб тим против Рединг и затоа потфрлил на овој меч.
Токму Хадерсфилд жестоко се бори за опстанок со Рединг, па ги следеше случувањата на овој натпревар, а шесте измени во стартните единаесет на Барнли не можеа да ги пропуштат.
Барнли одигра навистина добро оваа сезона во Чемпионшип и веќе обезбеди промоција во Премиер Лигата на Англија.
Сепак, сето тоа сега е доведено во прашање, бидејќи ЕФЛ сериозно ја разгледува оваа ситуација и побара од Барнли објаснување во врска со обвинувањата што дојдоа на нивна сметка.
Доколку се докажат тврдењата на Хадерсфилд тимот на Барнли ќе се соочи со парична казна, но и многу веројатно со одземање на бодови, пренесуваат англиските медиуми. Сè уште не се знае колку бодови би му биле одземени на Барнли.