Италијанската полиција открила таен документ поврзан со Јувентус и Кристијано Роналдо, кој би можел да му направи проблеми на торинскиот гигант, пренесува „Газета дело спорт“. „Бјанконерите“ се под истрага поради сомневање за лажно сметководство и манипулација на пазарот.
При претресите пронајден е документ кој претставува договор потпишан од Роналдо и клубот во 2020 година, според кој Јуве се обврзува да му исплати сума од 19,9 милиони евра. Ова се случува во период на драстично намалување на платите поради избувнувањето на пандемијата на коронавирус.
Сепак, овој договор не бил заведен на сметката на клубот, а згора на тоа и самиот документ бил означен како „да не се открива“, што укажува на потенцијална несоодветност.
Актуелниот играч на Манчестер Јунајтед беше дел од Јувентус од 2018 до 2021 година.
Во декември минатата година финансиската полиција во Италија упадна во канцелариите на клубот.
Во тоа време, Јувентус изјави дека тие секогаш постапувале во согласност со важечките закони и дека целосно соработуваат со властите во нивната истрага.
Обвинителството бараше докази за фиктивно потпишани трансфери, како и што точно се случило со платите на играчите во периодот на пандемијата COVID-19 во 2020 година.
Фудбалскиот клуб Јувентус е под контрола на компанијата „Exor“, која ја води семејството Ањели.