Македонскиот селектор Благоја Милевски очекува поинаков меч од тој со Италија во четвртокот во Палермо, поради поинаквите индивидуални карактеристики на Португалија, па посочи дека бившиот европски првак не е само – Кристијано Роналдо.
Најдобриот светски голгетер на сите времиња, кој неодамна го надмина Јозеф Бичан со 806 гола во кариерата, а патем е и рекордер по број на голови (115) во репрезентативниот фудбал ќе ја предводи страшно квалитетната Португалија за која играат уште еден куп ѕвезди – Жоао Кансело, Бернардо Силва, Диего Жота, Жоао Феликс…
„Португалија не е само Роналдо! Роналдо е најдобриот играч на светот, ама тој сам не игра. Играат уште десетмина други Португалци. Ние ќе мора да се сконцентрираме на тимот, а не на поединците. Секоја чест за успеите на останатите спортови кои играле на големи смотри, но кога зборуваме за фудбал, зборуваме за друга димензија. Фудбалот на глобално ниво е над сите и патот до успех во светски рамки е тежок“, вели Милевски.
Македонскиот селектор посочува дека посакува Александар Трајковски повторно да биде јунак како и во Палермо.
„Португалија игра поинаку од Италија, имаат селекција со извонредни фудбалери, ама ние покажавме дека можеме да играме со ваков тип на селекции. Португалија е фаворит, иако ние на гости ги победивме и Германија и Италија. Би сакал повторно Аце (Трајковски – н.з.) да даде пак таков гол како во Палермо и да испишеме нова историја“, посочи Милевски.