Кристијано Роналдо се изнарадува на првиот гол кој го постигна Португалија против Уругвај и сите мислеа дека истиот го постигна најдобриот стрелец на Португалците, но една од повторените снимки отвори сомнежи и тоа беше доволно за ФИФА да го препише погодокот на човекот кој беше асистент.
Официјалниот записник вели дека Бруно Фернандеш ги постигна двата гола во победата од 2:0 над Уругвај, вклучувајќи го и оној првиот кој Роналдо страствено го славеше во 54-та минута од мечот.
Откако му беше одземен истиот, дополнителен удар за него беше тоа што не беше на теренот кога судијата досуди пенал за Португалија, а со своите реакции по крајот на мечот само уште еднаш покажа дека не му е сеедно што остана без нов мундијалски погодок.
Роналдо им тврдеше на своите соиграчи и на одговорните лица дека сепак ја допрел топката во дадената ситуација, став кој го дели и Бруно Фернандеш.
– Да бидам искрен, мене не ми е многу важно, најважно е што минавме понатаму, тоа беше главната цел. Јас дури мислам дека Роналдо навистина ја допре топката при првиот гол, – изјавил Бруно.