Бадел 1862 ја прекина победничката серија на екипата од Македонска Каменица, славеше со минимални (66:65) на гостински терен.
Нема веќе непоразени екипи во Првата женска лига. За тоа најголем „виновник“ е екипата која го брани шампионскиот пехар – Бадел 1862. Која го победи својот најголем конкурент во изминатите години – Баскет Кам 2011, инаку лидерот во домашното првенство.
И тоа на гостински терен, во Македонска Каменица, макар и минимално (66:65).
Одлучувачка за конечниот победник беше серијата (19-4) која „траеше“ од крајот на втората и почетокот на третата четвртина по која „баделки“ поведоа со (40:34). А до истекот на третиот дел од играта, имаа и +10 (52:42).
Во драматичните секунди, бранителот на титулата го издржа притисокот и дојде до важен триумф во борбата за пласман во плеј-офот.
Американската интернационалка Катлин Метју која ги одигра сите 40 минути и постигна 27 поени и 16 скока. Димитријевиќ постигна 17, а Лазареска со 12 поени. Во тимот на Баскет Кам 2011, Цветанка Димова постигна 16, а Сања Адамоска уште 13 поени.
Изненадување направи екипата на Крива Паланка која на домашен терен го победи Вардар со (75:71). Девојките во „црвено-црна“ комбинација водеа во поголемиот дел од натпреварот. Но на средината од последната четвртина домашните кошаркарки израмнија на (63:63) и во финишот дојдоа до победата.
Шамека Мекнил беше енигма за одбраната на Вардар. Постигна 38 поени дополнети со седум асистенции и шест освоени топки. Михаела Алексовска додаде 16 поени, Глухавичанин уште 12 поени.
Кај Вардар, Едина Муса оствари дабл-дабл со 21 поен и 10 скока, а Зафирова реализираше 16 поени.
Убедлива победа остварија кошаркарките на Струга 2009 во дуелот против кавадаречки пробаскет (92:44).
Американката Ли запиша двоен ефект изразен со 27 поени и 17 скока, сличен беше и учинокот на младата Модева, која на 15 поени додаде и 11 скока, Зендели заврши со 13, а Стојановска уште 11 поени за домашната екипа.
Во гостинската Стоева запиша 15, а Јовановиќ уште десет поени.
Се поблиску до врвот се и кошаркарите на МЗТ Скопје Аеродром кои во овој 10. круг од натпреварите славеа победа против Гризли (72:51).
На табелата, лидер остана Баскет Кам 2011 со биланс од девет победи и еден пораз. А од третата до шестата позиција се четири екипи, Бадел 1862, МЗТ Скопје Аеродром, Струга 2029 и Крива Паланка се на само еден бод разлика.
Во групата „Б“, смена на лидерската позиција. Екипата на Патриот 2016 победи на гостински терен во Гостивар (73:56), и го искористи поразот на водечкиот Шкупи на гостински терен од ЖКК Куманово (57:63).
По 12 одиграни кола екипата од Делчево има победа повеќе од екипата од Чаир во трката за првата позиција која носи бараж дуели за место во групата „А“.