Младиот кошаркар на Бостон селтикс, Џејсон Тејтум изјави дека никој не очекувал тие да стигнат до финалето на Источната конференција.
Бостон во полуфиналната серија ја совлада Филаделфија севентисиксерс со 4:1, а во финалето ќе играат против Кливленд кавалирс, кои ги предводи Леброн Џејмс.
– Ова ми е прва година и не знам како ќе се справиме со Леброн. Сега ќе уживам во победата над Филаделфија, а кога ќе почнат тренинзите ќе размислувам за тоа, истакна 20-годишниот играч на Бостон.
Леброн Џејмс е доминатен играч во плејофот со просек од 34,3 поени, девет скокови и седум асистенции по натпревар.
– Играме со срце, а имаме и многу талентирани играчи во тимот. Никој не очекуваше да стигнеме толку далеку, потенцира Тејтум.
Играчот на Бостон постигна 25 поени на петтиот натпревар и стана третиот играч во историјата на НБА плејофот кој постигнал +25 поени на 20 или помалку години.
МИА