сабота, 11. ноември 2023. Вести денес: 0
home Ракомет

Норвешка апсолутен фаворит, шансите на Македонија се дуелите со Холандија и Аргентина

Норвешка апсолутен фаворит, шансите на Македонија се дуелите со Холандија и Аргентина

Македонија одамна не добила вака тешка и изедначена група со четири селекции на големите натпреварувања. Со смената на системот на натпреварување, три од четири селекции во групите продолжуваат во втората фаза, па може да биде доволна и една победа за нови три натпрвари во Полска. Сепак, среќата не ги помилува македонските ракометари, па од четвртиот шешир на добивме Холандија, која е веројатно најсилен противник во конкуренција на Зеленортски острови, Чиле, Алжир…

МАКЕДОНИЈА

Новиот проект на националниот тим го има првиот вистински тест. Подмладената Македонија остави одлични вибрации на натпреварите против Турција и Луксембург, но противниците во Краков се сосема друга категорија. Искусните Митревски, Манасков и Георгиевски треба да ја поведат селекцијата, во која Кузмановски и Талески се клучните „штрафови“. Главната промена треба да биде брзата игра и промената на стилот, која даде позитивни вибрации пред неколку дена на „Кроација Купот“. Групата не е наивна и скоро сигурно Македонија до последниот натпревар нема да ја знае својата иднина по групната фаза. „Фалангата“ и пасијата на македонските фанови треба да биде „ветер в грб“ за избраниците на селекторот Лазаров.

НОРВЕШКА

Ако пред шест години можевме да ремизираме со Норвешка баш во „Таурон Арена“ во Краков, зошто да не го повториме тој успех. Тогаш младите Сагосен, Јоханесон, Род беа четвртопласирани, а сега се зрели и моќни, па стрелаат на нешто повеќе од полуфинале. Сагосен и без ритам заради повредата е лидерот, селекцијата го негува истиот брз стил, во кој подобро игра напад отколку одбрана. Во меѓувреме и клупскиот ракомет порасна, но пак главните ѕвезди играат во северна Германија и низ скандинавските лиги. Двојниот финалист од 2017 и 2019 година го има Рајнкајд од Кил, Род и Јоханесон од Флензбург и О Саливен од Магдебург како прекалени борци кои сонуваат дури и злато на завршниот турнир во Стокхолм.

ХОЛАНДИЈА

Првпат по 1961 година Холандија се квалификува на едно Светско првенство во ракомет и тоа како последица на одличниот Европски шампионат во Унгарија, Шведска и Норвешка минатиот јануари. Два „мотори“ на холандскиот тим се Штајнс и Смитс, кои играат во Лигата на шампионите и од нивните перформанси зависат гигантите ПСЖ и Магдебург. Голема промена донесе новиот селектор Штафан Олсон, кој не се прослави на стартот од евро-квалификациите. Сепак, тогаш „лалињата“ беа хендикепирани и без најдобрите ракометари, па од тоа профитираа Белгија и Грција. Македонија никогаш не играла со Холандија на големи натпреварувања и без разлика што има подмладен тим, сепак е поискусна од ривалот. Директниот дуел може, но не мора да биде одлучувачки, заради изедначеноста и непредвидливоста на групата.

АРГЕНТИНА

Некогаш беа егзотичен ривал, а во последната деценија Аргентинеците се чест учесник во втората фаза на Светските првенства, без разлика дали таа била осминафинале или пак главна групна фаза. Иако се менуваа генерации, сепак Симоне остана лидер на „гаучосите“. И во Краков друштво ќе му прават Бонано од Хелветиа Анаитасума и Мартинез Ками од Ками Колехио Вард. Две третини од аргентинскиот национален тим играат во АСОБАЛ лигата и добро се познаваат, бидејќи го имаат истиот скоро истиот стручен штаб на последните големи приредби. Ветеранот меѓу тренерите Маноло Каденас си замина, но го наследи неговиот помошник Гиљермо Милано. Аргентина има дискретен квалитет, може секого да победи, но и од секого да загуби. Многу веројатно директниот дуел против Македонија ќе го даде патникот меѓу 24-те најдобри ракометни селекции во светот.

Сите натпревари во групата Е:

1 коло
Македонија – Норвешка (13 јануари, 20:30 часот)
Аргентина – Холандија (13 јануари, 18:00 часот)

2 коло
Македонија – Холандија (15 јануари, 18:00 часот)
Аргентина – Норвешка (15 јануари, 20:30 часот)

3 коло
Македонија – Аргентина (17 јануари, 18:00 часот)
Норвешка – Холандија (17 јануари, 20:30 часот)

извор: gol.mk